Стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД, одличните билатерални одбранбени односи, осудата на руската агресија врз независна и суверена Украина, безбедноста во регионот и пошироко, беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана разговараа министерката Славјанка Петровска и делегацијата на американски конгресмени предводена од конгресменот Верн Бјукенен.
„Северна Македонија е посветен сојузник кој цврсто верува во заедништвото и во вредностите кои нè поврзуваат. Соработката со САД, нашиот стратешки партнер со кој развивме стратешки дијалог е на досега највисоко рамниште. Поддршката од САД минатата година достигна близу 50% од националниот буџет за одбрана што е уште една потврда за долгорочната и одлучна поддршка на стабилноста на Република Северна Македонија од стратешкиот партнер. Стратешкото партнерство и пријателство со САД и нашето инвестирање во опремувањето на Армијата, овозможуваат да се остварат зацртаните проекти на опремување и модернизација и да ги исполниме НАТО целите на способности“, рече министерката на средбата.
Петровска се заблагодари за долгогодишната поддршка која македонската Армија ја прави уште посилна, поспособна и опремена со современо вооружување и опрема.
Во однос на безбедносната состојба, министерката истакна дека Северна Македонија беше јасна од самиот почеток, во осуда на руската агресија врз Украина.
„Северна Македонија беше и јасна и гласна од почетокот на агресијата – дека таа претставува целосно прекршување на меѓународниот правен поредок и дека мора да запре. Истовремено ние донесовме серија на одлуки со кои ја поддржавме Украина која има право да ја одбрани својата територија и својот народ“, рече Петровска.
Конгресменот Бјукенен, во име на целата делегација ја поздрави континуираната поддршка од Северна Македонија за одбрана на Украина од руската агресија и изрази поддршка за силното партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.