Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја разгледа Информацијата за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, подготвена од Министерството за образование и наука.
Во оваа насока, донесени се повеќе заклучоци во делот на превентивата и безбедноста во училиштата и на учениците.
Владата укажува и препорачува на сите основни и средни училишта преку општините/Град Скопје, да формираат стручни тимови на ниво на секоја од општините/Град Скопје, во соработка со стручните служби на Меѓуопштинските центри за социјална работа. Фокус на работа на овие тимови е предвидено да бидат разговори - поединечно со секое дете/ученик во училиштето.
Владата укажува и препорачува на сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија да одржат состаноци со сите родители на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта во Република Северна Македонија.
Препораката на Владата се однесува посебно на задолжување на директорите на основните и на средните училишта, да организираат состаноци на училишните одбори и на советите на родители, како и родителски средби.
На овие состаноци е предвидено да се разговара за взаемните одговорности околу превентивните мерки за заштита на учениците во училиштата, со посочувања на одредбите од Законот за семејство и од Кривичниот закон, во функција на безбедноста на учениците.
Владата им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, да ги задолжат директорите на основните и средни училишта, да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците, за време на часовите и во просториите на училиштата. Се посочува дека користењето мобилни телефони во училниците е потребно да се ограничи, со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење.
Владата на Република Северна Македонија им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, во координација со училиштата да ги следат следните препораки:
● во кризни ситуации коишто влијаат врз добросостојбата и менталното здравје на учениците, од исклучителна важност е училиштето да остане безбедно место во кое што тие ќе најдат разбирање, одговори и поддршка за да ги надминат предизвиците, да ги унапредат своите социо-емоционални компетенции и да ја зајакнат психолошката отпорност;
● стручните соработници и целиот наставен кадар, се исто така засегнати од ваквите ситуации, поради што е потребна подготовка на оваа тема на сите нивоа во училиштето, за да може да се обезбеди адекватна поддршка на учениците и нивните родители;
● приоритетна цел на разговорите во училиште треба да биде смирување на несигурноста и чувството на безбедност во училиштето и нивно адресирање на афирмативен начин.
Владата им укажува и препорачува на општините/Град Скопје да ги задолжи директорите на училиштата да обезбедат континуирано непречени услови, стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците, како и општините/Град Скопје да ги задолжат директорите на училиштата да обезбедат просторни услови за стручните соработници.
Целта е целосна отвореност кон учениците и доколку имаат потреба, закажување тет - а - тет средба, со својот училиштен психолог.
Меѓу владините заклучоци, предвидено е и Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието да изготват листа на ресурси за коишто ќе се дискутира на одделенски/класен час, меѓу класните раководители и децата/учениците, за унапредување на добросостојбата на учениците.
Ова се однесува на прирачници за животни вештини, околу Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини и слично.
Владата на Република Северна Македонија, при тоа им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, согласно законската легислатива во рамки на новата Годишна програма за работа на училиштата, да се развијат и дополнително да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите односно старателите и други активности, согласно приоритетите на училиштето за негување безбедна клима за учење и развивање.
Заклучено е и Министерството за образование и наука да формира работна група, составена од стручни соработници во основните и средните училишта, ученици -претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, чијашто задача ќе биде креирање протокол за советодавна работа, при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците во основните и средни училишта.
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблици, предложена од Министерството за внатрешни работи.
Со ставањето налепница на регистарските таблици, според информацијата од МВР, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблици со нови регистарски таблици.
Во оваа насока е предвидено ставање налепници со „НМК“ ознака, на возила коишто имаат таблици со „МК“ ознака, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци, за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица.
Поставувањето налепници со ознака „НМК“ на регистарските таблици, според образложението од МВР, ќе биде олеснување и за транспортерите кои патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност, на транспортните возила да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ, што ќе се појави како потреба, доколку постоечките регистарски таблици, ги сменат со нови таблици во нашата држава.
По разгледувањето на Информацијата, задолжено е Министерството за внатрешни работи да изготви Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.