Зборувајќи на завршната сесија на четвртиот самит на Советот на Европа (СЕ) што се одржува во Рејкјавик, Исланд, Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи истакна дека ОБСЕ и СЕ споделуваат заеднички вредности и принципи градени со децении – одбрана на демократијата и достигнувањата на мултилатерализмот што се нарушени со воената агресија на Русија врз Украина.
„Обединети за Европа“, како и насловот на сесијата, треба да биде целта и на понатамошното дејствување на овие две значајни организации кои ја гарантираат европската безбедносна архитектура која е загрозена со војната во Украина, истакна Османи.
„Последиците и трошоците од оваа војна се чувствуваат во цела Европа и во поширокиот регион на ОБСЕ. Но нашиот избор е да ги заштитиме нашите заеднички демократски вредности и заложби преку нашата мрежа на принципи и достигнувања, прецизно создадена да ја одбраниме нашата иднина“, рече Османи.
Врвен приоритет во нашата работа, додаде Османи, ќе биде ублажувањето на страдањето на луѓето погодени од војната и од други конфликти кои стравуваат за своите животи и егзистенција.
„Убеден сум дека ОБСЕ има многу механизми кои може да ги понуди за надминување на состојбите во сите региони и во тоа нема да штедиме напори. Ќе продолжиме да даваме поддршка за функционалност на организацијата, за промоција на човековите права и недискриминацијата, безбедноста и одржливиот развој и сето тоа во координација со партнерите од Советот на Европа“, рече Османи.
Во своето обраќање Османи се осврна и на придобивките за Северна Македонија од членството во ОБСЕ и во Советот на Европа. Да се претседава со ОБСЕ во ова време на големи предизвици значи дека имаме капацитет да дадеме придонес во промовирањето на основните слободи, човековите права, демократијата и владеење на правото, потенцираше Османи.
На маргините на самитот во Рејкјавик, Османи оствари билатерални средби со министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром и со британскиот Специјален претставник на премиерот за спречување сексуално насилство во услови на конфликт и министер за Блискиот Исток, Северна Африка, Јужна Азија и ОНН, Лорд Ахмад од Вимблдон. Соговорниците разговараа за прашања поврзани со Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ и други теми важни за функционирањето на организацијата.