Република Северна Македонија ги почитува препораките на Европскиот совет поврзани со предучилишното, училишното, стручното, високото образование и образованието за возрасни, младинското волонтерство и мобилноста. Националните институции од сферата на образованието секојдневно покажуваат сѐ поголема зрелост во меѓуинституционалната соработка и координација. Работиме на унапредување на квалитетот на воспитно - образовниот процес на сите нивоа, засновајќи ги политиките на стратешки документи и законски решенија донесени во инклузивен процес, со вклучување на сите засегнати страни. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири во излагањето на билатералниот скрининг за Поглавје 26 - Образование, култура, млади и спорт што денеска се одржа во Брисел.
Министерот Шаќири наведе дека уставно е загарантирано правото на образование, достапно за секого, под еднакви услови. Врз основа на Стратегија за образование 2018-2025 година, во тек е темелна реформа на основното образование, што се одвива етапно и преку новите наставни програми и материјалите за учење поттикнува на креативност, критичко размислување и иновативност. Во средното образование, фокусот е на учењето преку работа, односно дуално образование, што овозможува стекнување на квалитетни практични вештини за кои има потреба на пазарот на труд. Тоа ги зголемува можностите за брзо вработување на средношколците но, и за успешно продолжување во високото образование. За зголемување на интересот на младите секоја година се организираат социјални дијалози и се дизајнираат политики на стипендирање. Во делот на високото образование, од аспект на заложбите за подигнувањето на квалитетот на академската надградба, делува Агенцијата за квалитет во високото образование, во чиј состав се Одборот за акредитација на високото образование и Одборот за евалуација во високото образование.
„Нашата визијата е да обезбедиме сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование насочено кон ученикот - децата, младите и возрасните, со современи програми што овозможуваат идните генерации да стекнат знаења, вештини и компетенции согласно потребите на демократското мултикултурно општество, пазарот на трудот и новите предизвици во глобалниот научно-технолошки амбиент“, укажа министерот Шаќири.
Во сесијата прашања, државата беше пофалена за реформата во основното образование и значајниот напредок во дигитализацијата како и во обуките на наставниците за новите наставни програми. Беше поздравен напредокот во учеството на девојките во СТЕМ науките и беше искажано очекување дека позитивните процеси ќе продолжат.