Груевски-Рајнфилд:Добрите политички односи на Македонија и Шведска да се пресликаат и во економијата

Шведска е наш голем поддржувач на патот кон НАТО и ЕУ. Во секоја прилика тие истакнувале принципиелна позиција во однос на Македонија и биле поддржувач на којшто секогаш сме можеле да сметаме, а мислам дека и во иднина ќе биде така.

Ова го изјави премиерот Никола Груевски по денешната средба со премиерот на Кралството Шведска Фредрик Рајнфилд, во Стокхолм. Придружуван  од владин економски тим, македонскиот премиер во Шведска денеска и утре ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.

Билатералните односи меѓу двете држави се на одлично ниво, оцениле премиерите, според кои, постои огромен простор добрата политичка соработка и поддршка од Шведска да се надгради со подобри економски односи, поголема трговска размена и повеќе шведски инвеститори во Македонија.

- Разменивме мислења и околу економските состојби во двете држави и воопшто во Европа, но и околу политичките проблеми со кои што ние се соочуваме во однос на блокадата што ни ја прави Грција и штетите што ги има Република Македонија од таа блокада како на политички, уште повеќе и на економски план, и размислувањата понатаму да  се продолжи да се бара и да се најде решение со кое овој проблем би бил надминат, рече Груевски.

На средбата со шведскиот премиер,  како  и со министерот за трговија на Шведска Ева Бјорлинг, ги претставил подобрените услови за водење бизнис во Македонија, како и потврдата за тоа од страна на Светската банка.

- Генерално и трговијата и инвестициите од Шведска во Македонија се многу ниски. Му ги објаснив на премиерот подобрените услови за правење бизнис во Македонија во последните пет до шест години кои не се само само наш заклучок, туку се констатација на Светската банка во нивното годишно издание Дуинг бизнис кој сите добро го знаат, наведе Груевски, посочувајќи дека Македонија  е многу респектирана поради прилично напреднатите услови и позиции што ги доби од Светската банка.

- Со нив практично, не  само што е најдобро рангирана помеѓу земјите од Централна и Источна Европа, влезе меѓу подобрите во Европа. Само осум земји од ЕУ се на подобра позиција, а дури 19 земји се зад нас на оваа ранг листа, укажа македонскиот премиер.

Од страна на шведските државници, како што рече, е изразено добредојде за нас во нивната земја и за идејата што ја носиме за воспоставување поблиска комуникација со бизнисмените во Шведска.

Со шведскиот министер за трговија е разгледана можноста делегација од Шведска да ја посети Македонија.

- Билатералните односи меѓу Шведска  и Македонија се одлични како што беше веќе покажано преку состаноците на највисоко политичко ниво. Македонската дијаспора во нашата земја, исто така, игра важна улога во односите помеѓу двете земји. Мојата Влада активно ги поддржува аспирациите на сите земји од Западниот Балкан во пристапувањето кон ЕУ. Во случајот со Македонија сметаме дека преговорите за членство во ЕУ треба да почнат што е можно побргу во согласност со препораките од ЕК, смета министерот за трговија на Шведска Ева Бјорлинг.

Во состав на владината делегација се вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Христијан Делев.

Владиниот економски тим во текот на денов имаше средба со раководоството на Стопанската комора,  по што присуствува на бизнис форум, чиј домаќин е Шведскиот трговски совет. На форумот пред заинтересираните шведски компании се претавувани економските и инвестициските потенцијали на Македонија, а предвидени се и поединечни средби со претставниците на потенцијалните инвеститори.  Интерес за учество на форумот пројавиле поголем број компании од Шведска  за да слушнат информации за можностите за правење бизнис во Македонија.

Владиниот тим денеска треба да има средба и со градоначалникот на Стокхолм Маргарета Бјорк, како и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет Улф Берг. Утре, претседателот на македонската Влада ќе се сретне со спикерот на Парламентот, Пер Вестерберг.