Ковачевски во Свети Николе: Инвестираме во развој и модернизирање на земјоделството, доделивме над 60 решенија за набавка на трактори

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски во Свети Николе ги доделија решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај. Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека ова е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци, за набавка на трактори. Вакви решенија веќе се доделени во Битола и во Прилеп.

„Распишаните четири јавни повици минатата година, меѓу кои и за поддршка при набавка на трактори, имаат рекордна заинтересираност досега. За нас ова значи доверба на земјоделците во искрените заложби на Владата да ја помогнеме и унапредиме земјоделската дејност, преку сите механизми што ни се на располаѓање. Тоа е поддршката преку државниот буџет, како и преку ИПАРД програмите, преку коишто создаваме современо, модерно, профитабилно, конкурентно, македонско земјоделство. Државната финасиската поддршка на земјоделците, во овој случај, за набавка на трактори, е во форма на кофинасирање, до 75 проценти од вредноста на тракторот. Но, слушајки ги сугестиите на земјоделците од теренот, годинава креиравме и нова мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството. Преку отворен јавен повик, земјоделецот има можност да добие поддршка до 10.000 евра за модернизација на своето производство, одбирајќи сам во што и кога ќе инвестира. Преку одговорниот пристап на работа на Владата, којашто за прв пат од независноста на државата, го постави земјоделството, заедно со енергетиката, каде што му е местото, меѓу приоритетните развојни дејности, постигнавме и низа конкретни резултати“ , изјави премиерот Ковачевски.

Министерот Николовски на настанот зборуваше за поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за модернизација на македонското земјоделство.

„Пред нас како министерство и Влада, сите овие години, си имаме поставено јасна цел, модернизација и развој на македонското земјоделство. Посветно работиме сите овие години во реализација на оваа наша поставена цел. Креирајќи конкретни мерки за поддршка на земјоделците, да го модернизираат своето производство.

Модернизацијата на македонското земјоделство покрај овој повик за набавка на трактори ја реализираме и преку поддршката за набавка на силоси, потоа преку поддршката во изградба на мандри, поддршка за набавка на опрема за производство на тутун, набавка на специјализирани комбајни и сушари за ориз, или системи капка по капка“, изјави Николовски.

На настанот на кој присуствуваа земјоделци и претставници на домашните добавувачи на земјоделска механизација, директорот Бачовски информираше за спроведената постапка по однос на мерката.

„Преку овие настани, денес во Свети Николе, а претходно во Битола и Прилеп, доделуваме финансиската поддршка во вид на решенија за 730 земјоделци. За оваа поддршка беа обезбедени 500 милиони денари од програмата за рурален развој. Агенцијата во изминатиот период активно работеше на спроведување на програмите за директни плаќања и исплата на субвенциите, реализацијата на интервентниот фонд како и на подготовките за новиот ИПАРД 3 програмски период кој доаѓа како нова можност за модернизација на земјоделските стопанства, преработувачките капацитети и руралните средини’’, истакна Бачовски.

 


 

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски по повод доделувањето на решенија за набавка на трактори

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски во Свети Николе ги доделија решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Го модернизираме македонското земјоделство и правиме пат за конкурентен пласман на европските пазари. Со тоа, го унапредуваме стандардот на земјоделците и обезбедуваме стабилно, домашно производство на храна за граѓаните.

Резултатите се видливи. Во услови на најголемата светска економска, енергетска и прехранбена криза, го имаме најголемиот земјоделски буџет досега, од околу 12 милијарди денари.
Ова не останува на зборови, бидејќи парите веќе одат кај земјоделците.

Денешниот настан на којшто сме присутни е меѓу конкретните докази за тоа.
Денеска започнуваме со доделување на над 60-те одобрени решенија за набавка на трактори овде во Свети Николе, што е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци, за набавка на трактори.

Вакви решенија веќе доделивме во Битола и во Прилеп.

Распишаните четири јавни повици минатата година, меѓу кои и за поддршка при набавка на трактори, имаат рекордна заинтересираност досега.

За нас ова значи доверба на земјоделците во искрените заложби на Владата да ја помогнеме и унапредиме земјоделската дејност, преку сите механизми што ни се на располагање.

Тоа е поддршката преку државниот буџет, како и преку ИПАРД програмите, преку коишто создаваме современо, модерно, профитабилно, конкурентно, македонско земјоделство.

Државната финансиска поддршка на земјоделците, во овој случај, за набавка на трактори, е во форма на кофинасирање, до 75 проценти од вредноста на тракторот.

Но, слушајќи ги сугестиите на земјоделците од теренот, годинава креиравме и нова мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството. Преку отворен јавен повик, земјоделецот има можност да добие поддршка до 10.000 евра за модернизација на своето производство, одбирајќи сам во што и кога ќе инвестира.

Преку одговорниот пристап на работа на Владата, којашто за прв пат од независноста на државата, го постави земјоделството, заедно со енергетиката, каде што му е местото, меѓу приоритетните развојни дејности, постигнавме и низа конкретни резултати.

И оваа година, Владата ќе биде со земјоделците и врз база на Националниот план за производство на храна и годинава ќе ги поддржиме земјоделците. 

Воведовме нов модел за субвенционирање, што го договоривме заедно со земјоделците како системско решение. И за 2023 година се обезбедени рекордни средства од над 7 милијарди денари за субвенции за вистинските земјоделци и со фокус на зголемено домашно производство.

На располагање ставивме над 14.000 хектари земјоделско земјиште, само за производство на житни култури, за производство на сточна храна и за подигнување на долгогодишни насади, што се покажа потребно во актуелниот контекст на случувања во светот. И ова веќе овозможува сигурно производство за земјоделците и достапност на домашни стратешки производи на граѓаните.

Преку измените во Законот за земјоделско земјиште овозможивме на земјоделците да ги продолжат договорите за закуп на државно земјоделско земјиште кои истекуваат, од досегашните 5 на 15 години. Закупнината не се зголемува, туку е иста, според постојните договори.

Заедно со механизацијата која што се субвенционира, со долгорочната одржливост на земјоделските површини, ќе даде резултат за зголемено производство на храна и за поуспешни земјоделци. 
Секоја педа обработливо земјиште ја ставивме во функција и во обработка.

А еден од нашите клучни приоритети во 2023 година се капиталните инвестиции во водостопански капацитети, затоа што за стабилно земјоделство се потребни доволни количини вода.

Фактите говорат дека Владата, од 2017 година до денес ги има започнато и реализирано најголемите капитални инвестиции во водоснабдувањето, преку изградба на нови системи и преку реконструкција на постојните системи.

Еден од најголемите инвестициски проекти во делот на водоснабдувањето е и браната Конско која што многу скоро ќе биде пуштена во употреба, втор најголем инвестициски проект во историјата на државата. 
Потенцирам дека обезбедени се и 200 милиони евра неповратни средства за модернизација на земјоделското производство, преку новата ИПАРД 3 програма.

Европската комисија ни ги зголеми средствата за новата ИПАРД 3 програма за 62 процента, затоа што со посветена работа, постигнавме рекордна искористеност на средствата за ИПАРД 2 - од 98 проценти и реализација од над 2.000 договори во 2022 година.

Тука морам пред сè да изразам благодарност, меѓутоа и честитки до министерот Николовски,  до директорот Бачовски до сите нивни колеги, како што е на пример раководителот на подрачната единица на МЗШВ тука во Св. Николе, бидејќи со нивната работа и посветеност заедно со земјоделците Северна Македонија во моментов е држава која има најголема искористеност на ИПАРД фондовите од сите земји кандидати за ЕУ и поголема искористеност и од дел од земјите членки на ЕУ. 

Поради тоа сме прогласени и за земја лидер во регионот по искористеност на средствата од ИПАРД. 
Повикувам да ги следите можностите за финансиска поддршка што ги отвора Владата, но и да се вклучите во можностите што ги отвора ИПАРД 3 програмата. Освен инвестиции во рурална јавна инфраструктура, ИПАРД 3 програмата овозможува нешто што е најактуелно и во Европа и светот - достапност до финансиски средства за органско производство, но и за советодавни услуги, со цел унапредување на знаењето на земјоделците.

Европските перспективи, со оваа проевропска Влада што ја предводам, се реалност, а и со тоа и перспективите на македонското земјоделство.

Очекувам нов исчекор во европските интеграции и земјоделците треба да знаат дека шансите за европско земјоделство, пласмани на нови, европски пазари им се на дофат.

Европските услови во македонското земјоделство носат и европски животен стандард за македонските земјоделци и тоа, заедно ќе го постигнеме, бидејќи сме на вистинскиот пат.

Сакам да се заблагодарам уште еднаш на сите присутни овде и да им честитам и да им посакам успешна работа на сите оние кои заедно со Владата, веќе од денес ќе имаат нова механизација за обработување на нивните земјоделски површини“.