Денеска на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ формално му беше врачен документот за Унапредување на постепената интеграција за Западен Балкан, од страна на амбасадорот на Република Австрија во земјава, Н.Е. Мартин Памер.
„Ова внесува нова динамика на преговарачкиот процес и ја прави уште подостижна нашата цел за членство во ЕУ до 2030“, рече Маричиќ на состанокот.
Тој изрази благодарност и очекување дека ЕУ и државите членки ќе го поддржат и поттикнат забрзувањето на евроинтеграцијата на целиот регион.
Маричиќ смета дека наша задача е сега да испорачаме резултати и да ги завршиме обврските, бидејќи како што вели тој „шансата ни е дадена, сега на сите нас е одлуката да ја водиме државата онаму каде сакаат нашите млади да живеат, во ЕУ.
Според Документот забрзаната интеграција ќе се реализира преку институционални инструменти, финансиска поддршка и постепена политичка и административна интеграција, кои предвидуваат редовно неформално учество на државите од регионот на состаноците на Советот на ЕУ и други работни групи каде што се дискутира на теми од заеднички интерес и дејствување, како и предвремена интеграција во одредени области на единствениот пазар на ЕУ.
Динамизација на реформите пак се планира да се случи со финансиска поддршка, преку зголемена поддршка за зајакнување на капацитетот за апсорпција на ИПА и конзистентен пристап во надворешното финансирање на ЕУ за земјите кандидати и потенцијалните кандидати, вклучително и поблиска соработка со меѓународни финансиски институции, известуваат од Секретаријатот за европски прашања.