Костадиновска-Стојчевска: Вложуваме во едукацијата на младите за фолклорот, чуварот на македонскиот идентитет и традиција

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска беа во работна посета на Општина Ѓорче Петров.

Посетата започна во Културниот центар „Ѓорче Петров“, со средба со претставници од Културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“ и од Едукативно-фолклорното здружение „Седум осмини“ . 

– Инвестираме во културата и се грижиме за традицијата. Вложуваме во едукативно информирање на младите поколенија за фолклорот и запознавање со богатото народно творештво што го поседуваме. Тоа е најдобриот начин да продолжат да ги чуваат македонската традиција, корените, јазикот, културата – изјави министерката за култура.

Зборувајќи за поддршката што Министерството за култура ја дава за проекти со кои ги поттикнува најмладите да станат дел од културно-уметничките друштва и ансамбли, со што ќе ја продолжат  македонската традиција, Костадиновска-Стојчевска додаде: „Воспоставувањето на ваквата силна врска со сопствената традиција создава здрава основа за зачувување на македонскиот идентитет. Затоа, Министерството за култура секоја година ја зголемува поддршката за проекти од областа на фолклорот, проекти кои се национален и државен интерес“.

На средбата со претставниците на здружението и на културно-уметничкото друштво, министерката Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека износот за финансирање и поддршка на фолклорот во континуитет продолжува да биде значаен дел од поддршката на културата во целост. 

– Вкупната буџетска ставка за 2023 година за фолклорната дејност изнесува 46,8 милиони денари, од кои само за поддршка на Програмата за други корисници се издвоени над 41,5 милиони денари. Одобрените средства за проекти на Конкурсот за општини и локални установи, здруженија, културно-уметнички друштва, ансамбли и физички лица изнесуваат 24,2 милиони денари, средства чии корисници се и Едукативно-фолклорното здружение „Седум осмини“ и Културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“ – рече Костадиновска-Стојчевска. 

Костадиновска-Стојчевска додаде дека Министерството за култура продолжува и во иднина да помага во зачувувањето на културата и традицијата на нашиот народ и истовремено посветено да работи за младите да продолжат да ја пренесуваат традиција на следните генерации. 

По посетата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, одговорајќи на новинарски прашања во врска со изборот на Град Скопје за престолнина на културата во 2028 година и за пренесувањето на надлежноста за Универзална сала, рече: „Универзална сала сѐ уште е во надлежност на Град Скопје. Одлуката со која до завршување на реконструкцијата Универзална сала треба да се пренесе во надлежност на Министерството за култура, сѐ уште не е формално потпишана од градоначалничката Данела Арсовска, иако се прават максимални напори за забрзување на постапката. Инаку, процесот на кој се заснова титулата Европска престолнина на културата, не е поврзан со реконструкцијата на Универзална сала“. 

Таа додаде дека Европска престолнина на културата е титула која културната сцена и културните работници во Северна Македонија сосема ја заслужија. Во контекст на тоа, потпишавме и Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Град Скопје при што Министерството за култура ги понуди сите ресурси, односно просторни и финансиски, настрана од гаранцијата дадена како поддржувачи во Европска престолнина на културата за 2028 година.


Почитувани граѓани,

Почитувани медиуми,

Денеска заедно со вицепремиерот Маричиќ и со министерката за труд и социјална политика Тренчевска работната посета во Општина Ѓорче Петров ја започнавме од Културниот центар каде што остваривме средба со претставниците од Едукативно-фолклорното здружение „Седум осмини“ и од Културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“, кои се вистински пример како се чуваат културните вредности, традицијата и народните обичаи, со пренесување на своето знаење на најмладите генерации.
Министерството за култура секоја година ја зголемува поддршката за проекти од областа на фолклорот, проекти кои се национален и државен интерес.

Износот за финансирање и поддршка на фолклорот во континуитет продолжува да биде значаен дел од поддршката на културата во целост и правиме напори за негово зголемување.

Вкупната буџетска ставка за фолклорната дејност за 2023 година изнесува 46,8 милиони денари, од кои само за поддршка на програма и други корисници се издвоени над 41,5 милиони денари. 

Одобрените средства за проекти на Конкурсот за општини и локални установи, здруженија, културно-уметнички друштва, ансамбли и физички лица изнесуваат 24,2 милиони денари, средства чии корисници се и Едукативно-фолкорното здружение „Седум осмини“ и Културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“. 
Инвестираме во културата и се грижиме за традицијата. Вложуваме во едукативно информирање на младите поколенија од областа на фолклорот и запознавање со богатото народно творештво што го поседуваме. Тоа е најдобриот начин да продолжат да ги чуваат македонската традиција, корените, јазикот, културата. 

Остануваме заедно, преку поддршка на проекти, да ги поттикнуваме најмладите да станат дел од културно-уметничките друштва и ансамбли и кои ќе продолжат да ја негуваат македонската традиција дома, но и да ја афирмираат надвор од државава преку игри, песни и носии. 

Воспоставувањето на ваквата силна врска со сопствената традиција создава здрава основа за зачувување на македонскиот идентитет. Затоа Министерството за култура продолжува и во иднина да помага за зачувување на културата и традицијата и посветено да работи за младите да продолжат да ја пренесуваат културната традиција на следните генерации и да ги зачуваме атрактивноста и интересот за фолклорот. 

Ви благодарам.