Ковачевски: Инвестираме во науката, тоа е влог во иднината на младите и развојот на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска присуствуваа на настан по повод презентација на нова лабораториска опрема и на резултатите од научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На настанот, премиерот Ковачевски, во изјава за медиумите, истакна дека новата лабораториска опрема и научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.

Со опремата во вредност од 450 илјади евра, обезбедени преку Министерството за образование и наука и дел од Фармацевтскиот факултет, како што посочи премиерот Ковачевски, се зајакнуваат и развиваат потенцијалите и капацитетите на четирите лаборатории на овој факултет.

Држава која инвестира во науката, рече премиерот Ковачевски, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки. При тоа, премиерот потенцира дека заложбата на Владата не е да извезуваме кадри, туку да ги задржиме дома.

„За прв пат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се 7 проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70% е учеството на државата во реализацијата на проектите“, истакна премиерот Ковачевски.

Во изјавата, премиерот Ковачевски посочи дека паралелно се работи на повеќе нивоа и дека подобрувањето и унапредувањето на состојбите, генерално во образованието е приоритет. Во таа насока беше истакнато дека со Законот за високо образование од 2018 година, е вратена автономијата на универзитетите и е основан Национален совет за високо образование и научно-истражувачката дејност, како и Агенција за квалитет во високото образование. Воедно, во 2021 година за прв пат е потпишан Колективен договор со кој се обезбедува континуиран раст на платите.


Ковачевски: Инвестираме во науката, тоа е влог во иднината на младите и развојот на државата

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на настан по повод презентација на нова лабораториска опрема и на резултатите од научно истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:

„Драго ми е што денеска, овде, на Фармацевтскиот факултет во Скопје, заедно министерот, имавме можност да присуствуваме на презентацијата на новата лабораториска опрема и резултатите од научно-истражувачките проекти, кои имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.

Со оваа нова опрема, ги зајакнуваме и развиваме потенцијалите и капацитетите на четирите лаборатории на овој факултет, притоа сакам да истакнам дека една од лабораториите поседува опрема во рамките на ова финансирање која што единствено ја има тука и следната дестинација каде што може да се направат тие анализи со таква опрема е во Виена. Тоа е еден голем комплимент и за факултетот за Фармација, за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ секако и за нашата држава. 

Во рамите на 5  научно истражувачки проекти, набавена е опрема во висина од 450 илјади евра, од кои најголемиот дел се обезбедени од буџетски средства преку Министерството за образование и наука, а дел од Фармацевтскиот факултет.

Новата софистицирана опрема ќе се користи за научни цели во повеќе области на фармацијата, како откривање на фалсификувани лекови, што е и дел од стратегијата на Република Северна Македонија за борбата против фалсификувањето на лекови исто така е обезбедена согласно оваа нова опрема која е набавена. 

Набавената опрема овозможува и имплементација на нови стандардни аналитички постапки од областа на молекуларна биологија, генетика и фармакогенетика.

Ова се само дел од научните проекти кои ги наведов, но просторот за научно-истражувачки цели е многу поголем и меѓу другото, ќе биде насочен и за потребите на студентите.

Држава која инвестира во науката, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки.  Заложбите на Владата се да образуваме кадри, но не да образуваме кадрите за извоз туку да работат тука во нашата држава и драго ми е што бев информиран од деканот и професорите овде на Фармацевтскиот факултет дека новата опрема со која се прават навистина софистицирани анализи како што се користи во практични цели се користи и во научни, со оглед на тоа дека резултатите од истражувањето се користат за научни истражувања на професорите, но и за подготовка на дипломски, докторски, магистерски студии на студентите кои студираат на овој престижен факултет. 

За прв пат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се 7 проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. 

Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. 

Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70% е учеството на државата во реализацијата на проектите.

Задоволството е уште поголемо што лабораториите во рамките на овие проекти ги ставаме во функција на општото добро, во функција на развивање на нашите потенцијали како држава. 

Паралелно, ги подобривме и унапредивме состојбите, генерално во образованието.

Со Законот за високо образование од 2018 година, ја вративме автономијата на универзитетите. Основан е Национален совет за високо образование и научно-истражувачката дејност, како и Агенција за квалитет во високото образование.

За прв пат во 2021 година се потпиша Колективен договор со кој се обезбедува континуиран раст на платите.
Нашата поддршка за студентите е континуирана и на повеќе нивоа. 

За првпат воведовме и субвенциониран оброк за студентите, воведовме и нови категории на студентски стипендии, преку Министерството за образование и наука, ги зголемивме и изедначивме на ниво од 6.050 денари на месечно ниво што е зголемување за 80% во однос на што беше претходно.

За студентите кои се запишани на дефицитарни студиски програми, по математика, физика, хемија, а од минатата година и на земјоделство, шумарство и ветеринарство има месечни стипендии во износ од 18.000 денари. 

Од лани воведовме и стипендии на студенти од програмите за превод, историја на уметност, ликовна уметност и етнологија и антропологија во износ од исто така од 6.050 денари. 

Предвидовме и 500 стипендии во висина од исто така 6.050 денари за студентите на природно математички, биотехничките, медицинските и техничко технолошките науки. И секако студентите се дел од најновиот пакет антикризни мерки. Со новиот деветти антикризен пакет мерки предвидовме во наредните 7 месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, да добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.

Денес ќе поразговарам и со студентите, ќе поразговараме и за сите други мерки кои се однесуваат за подобрување на студентскиот стандард, би сакал од студентите да ги слушнам нивните размислувања на оваа тема но и нивните потреби и очекувања за други предизвици со кои се справуваат. 

Студентите на Фармацевтскиот и воопшто на Медицинскиот факултет како и на целиот универзитет можат да бидат навистина среќни што имаат пред себе професори кои се со навистина светско реноме. Јас денес имав можност да се запознам, со дел се познавам и од порано. Но кога ќе видите со какви научно истражувачки трудови имаат направено кои ги красат нивните биографии, тогаш навистина студентите можат да бидат среќни што студираат на овој факултет. 

Со ова, Владата во рамки на можностите на буџетот и кризите кои ја погодија државата меѓутоа и Европа во целина се грижи за науката, за образованието, за младите за студентите бидејќи образованието е основата, а знаењето ќе им даде сила да се справат со сите предизвици.

Наш врвен приоритет како Влада е да создаваме стручни и образовани кадри кои ќе се надоградуваат овде, во нивната родна земја, каде имаме обврска и одговорност да им обезбедиме европски услови за живот.  Вие сигурно сте ги погледнале резултатите од ПИСА тестирањето кои ги опфаќаат државите кои учествуваат, таму се гледа јасно дека КОВИД пандемијата има негативно влијание врз сите студенти без исклучок на земјите кои учествуваат. Добро е што ние сме дел од државите кои што целото тестирање го спроведува по електронски пат за разлика од над 20% кои се уште не можеа електронски да ги дигитализираат тестирањата.

Но, има интересни податоци кога ќе навлезете во самите резултати, таму се цени функционалната практична примена на вештината и знаењата кои ги имаат студентите односно учениците во средните училишта, беа опфатени над 6.000 ученици според она што го гледав во истражувањето, и резултатите покажуваат дека нашите ученици се подобри во математичките и природните науки отколку во читањето, што значи дека тоа е порака и до учениците и до наставниците и до родителите дека треба да се чита, да се користи литература, со оглед на тоа дека резултатите тоа јасно го покажуваат.

Јасно покажува и стратегијата на државата во однос на обезбедување на стипендии во математички во природни науки дека резултатите во тие делови се подобри отколку во делот на читањето и тука ќе треба да работат и родителите и учениците и наставниот кадар.

Благодарам уште еднаш“.