Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше и се обрати на настанот „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“ во рамки на проектот „Ревидиран процес на проширување на Европската Унија: нов геополитички контекст, нови можности, исти ризици“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ - канцеларија Скопје и ПолитикУм - Институт за одржливи и иновативни политики.
Во своето обраќање, премиерот Ковачевски се осврна на Самитот ЕУ-Западен Балкан и заклучоците на Европскиот совет.
„Никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет од овој што го имавме сега. Заклучокот беше еден параграф во кој што заклучок стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг, останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани и без одлагање и без дополнителна одлука Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која што се отвораат сите поглавја“, рече премиерот Ковачевски на настанот.
При тоа, премиерот Ковачевски потенцираше дека со скринингот се покажало дека сме на линија на европските институции и со европските земји.
„Но, проблемот е што некој заради личен политички профит, заради лична политичка агенда сакаше да ја повтори 2008 година и ја повтори 2008 година. Некој да каже која е алтернативата, не кажуваат, не постои. Од аспект како понатаму прво ние не треба да бидеме дефетисти воопшто бидејќи овој процес не е завршен и овој процес ќе продолжи и ќе заврши успешно. Ќе заврши успешно бидејќи нема друга алтернатива. Второ, геополитичкиот момент е таков да ЕУ конечно сфати дека не може да напредува ако не се проширува“, нагласи премиерот, додавајќи дека во одредени области сме подобри и од некои земји членки на ЕУ.
Во своето обраќање, премиерот Ковачевски зборуваше и за економските постигнувања по 11 години стагнација.
„Денес земја членка на НАТО, земја што претседава со ОБСЕ, земја која преговара со ЕУ, сме го завршиле скринингот, сега треба да ги отвориме поглавјата. Пензиите се 50% покачени, и просечната и минималната плата 100% е покачена. Бројот на невработени е 13%, идната година ќе биде 11%“, изјави премиерот, нагласувајќи дека нашиот следен чекор треба да е изгласувањето на уставните амандмани во Собранието во овој парламентарен состав.
„Ние сме виделе како изгледа чекање, 17 години чекање, што донесе-ништо не донесе. Затоа, пратениците имаат обврска без разлика од која политичка партија без разлика од која политичка провиниенција се, лево, десно, центар, да донесат одлука за иднината на овие граѓани. Доста децата одеа во ЕУ да работат, треба тука да си работат“, порача премиерот Ковачевски на крајот од неговото обраќање на денешниот настан.