Премиерот Ковачевски и министерот Лога на доделување изводи на родени, решен три децениски проблем со неевидентираните лица

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерот за правда Кренар Лога поделија изводи на лица кои досега не се евидентирани во матичната книга на родени.

Со ова се решава деценискиот проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени.

,,Овие проблеми се веќе минато! После една деценија, им овозможивме на овие граѓани да си го остварат правото на заштита на нивното здравје преку  здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование.  Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции кој им ги нуди Уставот и Законите на Република Северна Македонија. Тие сега можат легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во матичната книга на родените”, рече во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот за правда Кренар Лога, осврнувајќи се на процесот на системско и трајно решавање на проблемот, истакна дека Република Северна Македонија е на прво место во Европа и второ во светот кои го решаваме проблемот со неевидентираните.

„Дадовме поддршка на подготовката на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој беше донесен во 2020 година. Предлог на Законот за матична евиденција беше донесен на 14 Јуни 2023 година. Согласно Конвенцијата за правата на детето ,со овој закон се гарантира правото на упис во матична книга на родени на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш, а најдоцна  45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители”, потенцира Лога.

На настанот се обратија и директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани и претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска.

Сулејмани пред присутните соопшти дека се постапува вкупно за 526 лица за упис во матична книга на родените. Од нив за 409 лица е извршен упис во матичната книга на родените од донесувањето на законот па се до сега. За останатите 117 лица ќе се постапи до крајот на годинава.

Претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска посочи дека при имплементирање на законот за матична евиденција како држава јасно е поставена цел дека оваа категорија на граѓани мора да ги уживаат загарантираните основните човекови права и слободи гарантирани со Уставот.  

На настанот беа поделени 12 изводи на лица без државјанство, а во доделувањето учествуваа и пратеничката Шиковска, државниот секретар од министерството за правда Точи и директорот Сулејмани.

Оваа акција е дел од имплементацијата на амандманските измени на Законот за матична евиденција, насочена да се помогне на лицата кои повеќе од една деценија не го решиле проблемот со неевидентирањето на нивното раѓање во матичните книги на родени каде во преодни и завршни одредби точно е прецизирано начинот на олеснување на уписот на овие лица кој важи до крајот на годината.


Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод доделување изводи на граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. 

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Почитуван министер за правда, Лога,

Почитуван директор на Управата за водење на матични книги, 

Почитувана претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Мираковска,

Почитувани медиуми, граѓани,

Овде навистина можам да кажам почитувани граѓани кои што ги добија своите документи за прв пат.

Денеска, ставивме крај на еден горлив три децениски проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не може да склучат брак, ниту пак да го регулираат статусот на нивните деца, едноставно ги немаше во системот на државата. 

Овие проблеми се веќе минато! 

Со измените на Законот за матична евиденција, решивме животни прашања на многу наши граѓани. Во оваа прилика сакам да ја поздравам заложбата на Министерството за правда и Управата за водење матични книги, посебно да ја истакна улогата на пратеничките  Соња Мираковска, Љатифа Шиковска и Снежана Калеска - Ванчева, кои подготвија амандмани во Законот за Матична евиденција со кој системски продолжи да се решава проблемот со лицата неевидентирани во матичната книга на родени. И ако некој заслужува благодарност за измените во Законот тогаш се овие три пратенички и секако Министерството за правда и Управата кои што законот го преточија во пракса и пратениците кои што овој закон го поддржаа. Токму тие законски измени и дополни го отворија патот за решавање на околу 526 човечки судбини, од кои до сега извршен е упис во матичната книга на родените на 409 лица. Останатите 117 лица ќе се упишат до крајот на годината. 

Владата која ја предводам креира политики со европски вредности, ние создаваме системски решенија кои даваат резултати на долг рок. 

На овие наши граѓани им овозможивме да си ги остварат своите животни права, а пред сѐ правата за социјална и здравствена заштита.

После една деценија, им овозможивме да си го остварат правото на заштита на нивното здравје преку нивно здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование.

До сега овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, сега им овозможуваме да се вработат, да отвораат и регистрираат свои сопствени фирми. Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции кои им ги нуди Уставот и Законите на Република Северна Македонија. Тие сега можат легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во матичната книга на родените.

Граѓаните ги препознаваат нашите јасните намери, како Влада, како коалиција  да ги решаваме предизвиците со кои се соочуваат.  Втората многу значајна работа е што вратата на мојот кабинет секогаш била отворена за соработка и комуникацијата меѓу сите институции, без разлика дали станува збор за граѓански организации, граѓани, пратеници, институции, медиуми, јавни личности, општествени чинители, политичари. Кај мене секој е добредојден кога сака да придонесе во позитивно креирање на политики за доброто на државата и граѓаните. 

Наш верен партнер во носење на решенија се и граѓанските организации, нивната секојдневна теренска работа, која ни помогна да видиме кои се вистинските проблеми на овие наши граѓани. Затоа ги охрабрувам граѓанските организации да помогнат и лицата неевидентирани во матична книга доколку постојат и други кои досега не се охрабриле да го сторат тоа, што е можно најбрзо да се јават во матичните одделенија во местото каде живеат и да ја започнат постапката за нивно пријавување во матичните книги согласно Амандманите во Законот за матична евиденција.

Согласно овие амандмани во законот за матична евиденција и согласно можноста секој граѓанин кој е роден кај нас да се впише во Матична книга на родените и да ги ужива сите права согласно уставот и законот. Со ова Република Северна Македонија е прва земја во Европа која ова го овозможува без исклучок на секој свој граѓанин. Затоа голема благодарност уште еднаш до трите пратенички тука присутни и ако некој заслужува аплауз, тогаш тие три заслужуваат.