Министерот за здравство д-р Илир Демири и генералниот директор на Диаверум Димитар Клисаровски, денеска информираа дека е обезбеден бесплатен скрининг за 2.000 пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување.
„Како резултат на дел од заклучоците од Првата ренална академија што се одржа во ноември минатата година на иницијатива на нашето Министерство и Шведската амбасада, со цел подигнување на свесноста за бубрежното заболување и неговата рана превенција, заедно со дијализните провајдери Диаверум и Нефроплус, најавуваме отпочнување на проектот „Скрининг на популација во ризик од хронична бубрежна болест“. Скринингот отпочнува овој месец, ќе трае четири месеци и ќе опфати вкупно 2.000 пациенти во ризик на територијата на цела држава. Заедничките компетенции и ресурси од областа на бубрежното здравје ќе бидат на располагање за што поширок опфат, превенција и подостапна нега на популацијата, што всушност е дел од годинешното мото на Светскиот ден на бубрегот“, рече Демири.
Клисаровски потенцираше дека финансиската реализација на проектот во целост е на здравствените установи Диаверум и Нефроплус, со што прегледите за пациентите ќе бидат бесплатни.
„Идејата за отпочнување за ваков скрининг проект постоеше од порано, согледувајќи ја состојбата на пациентите кои започнуваат со дијализа при што во многу случаи пациентите не биле ни свесни дека имаат хронично бубрежно заболување се' до моментот на почетокот на дијализа што е последниот стадиум на хроничното бубрежно заболување. Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, ние - Диаверум и колегите од Нефроплус се вложивме максимално како би можело да се изведе овој проект за бесплатен скрининг на популација во ризик од бубрежни заболувања, достапна за пациентите“, изјави Клисаровски.
Граѓаните кои се во ризик за развој на хронично бубрежно заболување, ќе бидат контактирани од страна на здравствените установи и повикани на бесплатен преглед. Скринингот ќе ги опфати следните градови: Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Железара, Визбегово, Делчево, Гевгелија, Штип, Кочани, Струмица, Куманово и Крива Паланка.
Очекуваме максимална реализација на проектот, а со тоа поголемо идно превенирање на хроничното бубрежно заболување (ХББ), партиципирање во навремени иследувања, забавување на прогресијата, соодветна и контролирана терапија, како и потенцијал за значително намалување на морбидитетот и морталитетот од хронична бубрежна болест и неговите поврзани компликации.
Апелираме до граѓаните да се искористи оваа можност и да влијаеме на подобрување на здравјето на нашите бубрези.