Потпишан Договор за заем од 26,4 милиони евра од ЕБОР за зајакнување на електропреносната мрежа

Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра помеѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот електропреносен систем оператор АД МЕПСО, наменети за зајакнување на преносната мрежа. Потпис на договорот ставија претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо, и генералниот директор на АД МЕПСО, Зухди Енуз. На потпишувањето во Владата присуствуваа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Ми претставува особено задоволство што денеска се создаваат предуслови за реализација на капитален енергетски проект во делот на домашната електропреносна мрежа. Станува збор за реконструкција на 110 киловолтниот далновод Валандово - Струмица и изградба на нова трафостаница 400/100 кв во селото Милетково, во близина на Гевгелија. Реализацијата на овој проект ќе овозможи дополнително зајакнување на преносната мрежа на АД МЕПСО во југоисточниот дел од земјава. Во редот на придобивките би сакала да го истакнам и значителното намалување на загубите на електрична енергија и зајакнување на стабилноста и доверливоста на мрежата што директно ќе придонесе за квалитетна интеграција на дополнителен број електрани од обновливи извори на енергија, на мрежата на македонскиот електропреносен оператор. Овој проект е дел од зелената транзиција на македонската енергетика затоа што освен намалување на загубите на електрична енергија, зајакнатата преносна инфраструктура ќе овозможи да се приклучат околу 1.170 MW дополнителни обновливи извори, кои во моментов не се во функција, поради ограничениот капацитет на локалната електропреносна мрежа“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини по потпишувањето на договорот за заем.

„Проектот е значаен за преносната мрежа на АД МЕПСО затоа што ќе влијае на намалување на загубите на електрична енергија за околу 14,5 GWh, како и на намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 8.158 тони, годишно. Дополнително, проектот вклучува поддршка за развој на главен план за кој ќе ги идентификува клучните инвестиции во мрежата, потребни за распоредување на нови обновливи извори и ќе обезбеди непречено преминување кон зелена енергија“, рече претседателката на ЕБОР, Одил Рене Басо.

„Инвестирањето во далноводи и воведувањето паметни мрежи е клучен политички потфат во Северна Македонија, имајќи предвид дека мрежата во земјата е генерално застарена, и е потребна нејзина замена. Несомнено, обновата на мрежата ќе наиде на поддршка кај бизнис секторот кој ќе биде поттикнат да инвестира во обновливи извори на енергија“, истакна евроамбасадорот Дејдвид Гир.

Проектот ќе биде заокружен со развој на центар за обука на електропреносни оператори во југозападниот дел од нашата земја, практично регион кој е најмногу засегнат од транзицијата на земјата кон зелена транзиција.

Вкупната вредност на проектот изнесува 34,7 милиони евра. Од нив, 26,4 милиони евра ќе бидат кредит за АД МЕПСО од ЕБОР, околу 7,6 милиони евра се грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и уште половина милион евра се обезбедени преку Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транзицијата од јаглен.