Груевски: Граѓаните го казнија СДСМ и заради шверцот на нафта за кој има и сведоштва
Јавна тајна беше дека за време на 90-тите години се кршеше ембаргото и дека се правеше шверц со нафта и нафтени деривати. Не случајно и некои статистики во минатото покажуваа дека има оргомен извоз на нафта од Македонија дури и повеќе отколку што извезува Кувајт. Горе-долу тоа беше јавна тајна, но на некој начин ова е ново јавно бламирање на политичарите од тој период, сведочење на директен учесник кој самиот за себе кажува дека бил учесник во тој период и за жал јавно кажува дека директно разговарал со највисоките личности во Република Македонија кои во тој момент ја имале довербата и биле на власт. Тоа многу кажува и е запрепастувачки за Македонија и не случајно граѓаните овие политичари ги казнуваат на сите избори, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
Според него, резултатите на претходните избори на овие политичари, на Црвенковски и на Фрчковски, потврдуваат дека таа јавна тајна била позната кај народот.
- Сега на некој начин се потврдува тоа што се зборуваше, а немаше директно сведоштво. Тоа и во минатото и во иднина ќе се одрази при гласањето и оценката на граѓаните дали треба на такви луѓе да им дадат поддршка на избори и да ги вратат на власт, рече Груевски по пуштањето во употреба на спортската сала во средното училиште „Гоце Стојчевски“ во Тетово.