Вицепремиерот Пешевски во работна посета на Битола

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски попладнево оствари работна посета на општина Битола каде се сретна со градоначалникот Владимир Талески и со претседателката на Советот на општина Битола Силвана Ангелевска, со кои разговараше на теми од локалниот економски развој.
 
На средбата со новинарите вицепремиерот Пешевски посочи дека состанокот бил посветен на економските политики кои ги спроведува општина Битола, активните проекти, како и за новите проекти во функција на забрзан економски развој на таа локална самоуправа.
 
- Генериравме повеќе идеи, почнувајќи од иницијативата за изградба на нов откупно-дистрибутивен центар, идеја за изградба на нов хотелски комплекс во потпелистерието кој како Влада ќе го нудиме на потенцијалните инвеститори што би овозможило за заживување на туризмот и на туристичките активности во општина Битола, истакна Пешевски.
 
На предлог на градоначалникот Владимир Талески, вицепремиерот Пешевски оцени дека има кредибилитет идејата за изградба или проширување на спортскиот аеродром во Битола.
 
- Идејата во прв момент е премногу амбициозна но има кредибилитет во неа, а се однесува на изградба на аеродром или проширување на постоечкиот спортски аеродром на ниво на комерцијален аеродром. Ќе преземам обврска да стапам во контакт со консултантски куќи од оваа област, да изработиме физибилити студија за оправданоста на проектот, да се согледа можноста за креирање на бизнис, извоз на производи, но и развој на туризмот посебно со Турција благодарение на врските меѓу Битола и Кемал Ататурк, што укажува дека овој проект би бил со голем потенцијал и затоа ќе го разработиме, посочи вицепремиерот Пешевски на денешната средба со новинарите во овој град.
 
За забрзаниот економски развој на општина Битола треба да придонесат и други владини мерки и поддршка која континуирано ја добива таа локална самоуправа, пред се најавениот нов Закон за индустриски зони што е во подготовка и од кој придобивки треба да почувствува индустриската зона „Жабени“. Пешевски посочи дека со градоначалникот Талески соработуваат на повеќе проекти, а сведок за таа успешна соработка е влезот на германската компанија „Кромберг и Шуберт“.
 
Според битолскиот градоначалник Владимир Талески, проектот за проширување на спортскиот аеродром на ниво на комерцијален аеродром е реален и со низа показатели за ефикасен и економски оправдан проект.
 
- Убеден сум дека со поддршка на Владата можеме битолскиот спортски аеродром да го трансформираме во аеродром што ќе не спои со првите поголеми аеродроми во регионот. Тоа ќе го промени начинот на живот во општината и пошироко, а географската положба на Битола уште повеќе ќе привлекува. Аеродромот ќе биде во функција на околу 350.000 жители од Пелагонискиот регион, но ќе може да го користат и нашите соседи од Грција. За престој во Битола заинтересирани се голем број ученици и студенти од Турција кои сакаат да ја посетат Спомен собата на Кемал Ататурк, како и други домашни и странски гости, истакна Талески.
 
Градоначалникот Талески на денешната средба со вицепремиерот Пешевски побара да се создадат услови за даночни олеснувања за филмските работници кои имаат намера да снимаат филмови во Битола како филмски град бидејќи интересот е голем, а потврда за тоа е одлуката на една турска компанија во наредните три години да снима филм на подрачјето на таа општина.