Арифи и Пешевски се сретнаа со потпретседателите на владите на Австрија и Словачката Република, Шпинделегер и Лајчак
Заменикот-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Теута Арифи и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денеска се сретнаа со Михаел Шпинделегер, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Австрија и Мирослав Лајчак, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Словачката Република.
За време на средбата, вицепремиерот Арифи ги информираше соговорниците за реформите што се спроведуваат во Република Македонија, во насока на приближување на земјата кон Европската унија.
Таа се осврна и на Пристапниот дијалог на високо ниво, нагласувајќи дека претставува значаен механизам за понатамошниот напредок на земјата во евроинтеграцијата и за спроведување на суштински реформи.
Арифи меѓу другото ја истакна и посветеноста на Владата која го усвои и тековно ги реализира активностите од Оперативниот патоказ за постигнување на целите што произлегуваат од Пристапниот дијалог.
Вицепремиерот Арифи посочи дека сите институции во наредниот период максимално ќе работат на активностите од европската агенда со цел истите да бидат нотирани во годинашниот Извештај за напредокот на Република Македонија.
Пешевски ги информираше потпретседателите за економските реформи кои ги спроведува Владата на Република Македонија, како и за поволностите кои ги нуди македонската бизнис клима.
За време на средбата се разговараше и за ефектите од европската економска криза, при што беше посочено дека и покрај негативните ефекти на економската криза, Република Македонија успеала да ја задржи својата макроекономска стабилност.
Вицепремиерот за време на средбата ги престави поволните инвестициски можности на Македонија и притоа предложи, со цел да се продлабочи економската соработка меѓу овие земји, да се организираат трипартидни економски форуми во трите земји, на кои ќе присуствуваат стопанските комори на овие земји, при што ќе се отворат нови инвестициски можности и ќе се интензивира трговската размена помеѓу Република Македонија, Република Австрија и Словачката Република.
Во текот на средбата, Шпинделегер и Лајчак изразија подготвеност преку размена на искуства од нивните земји да и помогнат на Република Македонија во спроведувањето на реформите.
Тие ја поздравија иницијативата за реформи во судството, јавната администрација и слободата на изразување и медиумите опфатени во Пристапниот дијалог.
Шпинделегер и Лајчак уште еднаш ја потврдија поддршката на нивните земји на интеграцијата на Македонија во ЕУ.