Мицкоски: Ахмети има редовна комуникација со Груби, го советувам да се врати и да се соочи со правдата

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во неговото гостување во вестите на Алсат, запрашан за тоа кога Артан Груби ќе се врати во Македонија, истакна дека Али Ахмети има редовна комуникација со Груби и го советуваше да се врати во земјава и да се соочи со правдата.

Кога ќе се врати Груби не знам, колку што успеав да го слушнам Меџити, тој кажа дека Ахмети има редовна комуникација со Груби и можеби тој треба да даде одговор кога ќе се врати. Јас би сакал да се врати уште денеска, затоа што единствениот начин да одговори на сите прашања е да биде тука присутен и да даде одговор, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски во однос на најавите од пред неколку месеци за обид за дестабилизација во земјава од страна на ДУИ и зошто сега нема такви изјави, порача дека обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат, земјава е стабилна како никогаш досега. 

Обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат во тоа и дека ќе бидеме нестабилна држава. Како што гледате девет месеци не само што сме стабилна држава, туку и на меѓународен план постигнуваме такви пријателства  и такви сојузништва што се незапаметени во независна Македонија, нагласи премиерот Мицкоски. 

За можна соработка со ДУИ, премиерот Мицкоски истакна дека е задоволен од соработката со коалицијата ВРЕДИ и односите во владината коалиција се кохезивни, цврсти, а цел на коалицијата е подобро утре за граѓаните и државата.

Така работиме и ќе продолжиме да работиме, потенцираше премиерот Мицкоски.