Министерот Бесими на заедничката вежба на Полкот за специјални операции на АРМ и Националната гарда на Вермонт од САД
Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска на терените близу Демир Капија ги посети учесниците на шестдневната Заедничка планинска обука на Полкот за специјални операции на АРМ и Националната гарда на Вермонт од САД, како дел од Програмата на Здружени контакт-тимови за 2012 година.
- Ова е уште еден доказ дека АРМ е во чекор со најсовремените стандарди и дека согласно тоа, е во позиција да одговори на сите предизвици. Оваа обука е неоспорен доказ за значењето на размената на искуства и заедничката соработка во областа на одбраната, а со неа се укажува и на фактот дека со заеднички напори и намери работиме на тоа, регионот да биде место на соработка, стабилност и безбедност, истакна министерот Бесими по прикажаните вештини и способности.
За време на посетата, учесниците ги запознаа присутните со местото каде се изведува обуката, а воедно прикажаа и дел од научените и усовршените вештини и способности – изведени беа неколку вежби за спуштање со помош на прусик, на осмица и на анкер, вежба „Командо качување“ и „Евакуација на повредени на различни начини“.
Обуката на која учествуваат девет припадници на Националната гарда на Вермонт и 11 припадници на Полкот за специјални операции, се реализира во периодот од 8 до 13 јули на терените на Матка кај Скопје и Демир Капија.
Соработката меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД датира од 1995 година, кога група припадници на АРМ заминаа за Вермонт, САД каде учествуваа на првиот алпинистички курс. Соработката во полето на алпинизмот продолжи до 1998 година, период во кој нашите припадници ги црпеа искуствата и вештините на инструкторите од Центарот за обука по алпинизам во Вермонт. Дополнително соработката меѓу АРМ и НГВ продолжи и се прошири на многу полиња, меѓу кои и заедничката мисија во Авганистан во 2010 година.