Ѓоргиев: 176 километри локални и 74 километри регионални патишта до крајот на годината

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,


Владата на Република Македонија како еден од приоритетите во работата, го има исполнувањето на Програмата за изградба и реконструкција на локалните и регионалните патишта. Локалните места треба и мора да бидат поврзани со добра комуникација потребна за граѓаните, но и за стопанството и за земјоделството. Програмата се одвива редовно и согласно динамиката и има конкретни резултати.
Сакаме да информираме дека во 2010 година се завршени 53 локални патишта во вкупна должина од 116 километри, а во 2011 се завршени дополнителни 76 локални патишта во вкупна должина од 155 километри. Заклучно со јуни 2012 година се завршени дополнителни 24 локални патишта во вкупна должина од 45 километри.
Владата одлучи да се влезе во понатамошна фаза од изградбата на локални патишта. Сакаме да ја објавиме динамиката за понатамошна изградба и реконструкција:

Прво, до крајот на 2012 година ќе бидат изградени дополнителни 76 локални патишта со вкупна должина од 176 километри, во вредност од околу 15 милиони евра, за кои се потпишани договори. Динамиката е следна:
-Јули: 25 локални патишта со должина од 54 километри и инвестиција од 4,54 милиони евра;
-Август: 26 локални патишта со должина од 62 километри и инвестиција од 4,78 милиони евра;
-Септември: 8 локални патишта со должина од 19 километри и инвестиција од 1,11 милиони евра;
-Октомври: 10 локални патишта со должина од 25 километри и инвестиција од 2,26 милиони евра и
-Ноември: 7 локални патишта со должина од 16 километри и инвестиција од 1,56 милиони евра.

Второ, во тек е постапка за избор на изведувачи за 32 локални патни правци за Пелагониски, Југозападен, Полошки и Скопски регион, која ќе заврши за 20 дена, и тоа значи дополнителни нови 30 локални патишта.

Трето, на почетокот на август ќе бидат распишани два повика за избор на изведувачи за околу 60 дополнителни локални патни правци за сите осум региони, чија градба би започнала крајот на оваа година.

Апелираме до градоначалниците да аплицираат во Агенцијата за државни патишта со свои проекти итно и најскоро, за да влезат во програмата за изградба, реконструкција и одржување на локалните патишта и да ги задоволат интересите на граѓаните.

И досегашните патишта се градат на територијата на цела Македонија, во сите општини, без разлика на политичката, етничката или верската припадност на градоначалникот или пак граѓаните кои живеат во општината, така и ќе продолжиме, рационално и конструктивно, во интерес на граѓаните.

Четврто, покрај локалните патишта континуирано се работи и на изградба, реконструкција и рехабилитација и на регионалните патни правци. До ноември 2012 година ќе бидат завршени 4 патни правци:  
-Струга – Дебар
-Кавадарци – Мушов Гроб
-Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница
-Радовиш – Конче – Лубница

Вкупната должина на овие патишта е 74 километри, во вредност до над 10 милиони евра.

Во тек се повици за избор на најповолен понудувач за регионалната делница Бошков мост – Гарски мост во вкупна должина од 8,2 километри, и за Тетово – Јажинце во вкупна должина од 16 километри, за кои се очекува по изборот веднаш да се отпочне со градба.

Ова значи дека до крајот на годината ќе бидат реализирани најмалку 76 локални патишта со вкупна должина од 176 километри, во вредност од околу 15 милиони евра, и најмалку 4 регионални правци во должина од 74 километри, во вредност до над 10 милиони евра, што е исполнување на уште едно ветување на Владата и добра поддршка и за општините и за граѓаните кои живеат во тие општини, за стопанството и за земјоделството, за комуникацијата и подобрите услови за живот.

Оваа Влада е прва влада која силно и програмски се осврна на овој битен сектор на локална и регионална комуникација и има реализирано повеќе стотици километри проекти, и во идниот период Владата ќе ангажира и внимание и средства за поддршка на патната инфраструктура.