Повеќе од 4.000 советувања во Советувалиштето за сексуално и репродуктивно здравје
Министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на УНФПА за Македонија Франсоа Фарах денеска го посетија „Советувалиштето за сексуално и репродуктивно здравје“ кое функционира во рамки на Центарот за јавно здравје-Скопје.
- Советувалиштето функционира oдлично. Досега има над 4.000 советувања од кои 1.200 се индивидуални. Имаме седум советувања дневно во Центарот. Поголем дел од тие кои доаѓаат се жени - 51 отсто, околу 38 отсто се мажи, а останатите се брачни двојки. Веројатно жените се повеќе заинтересирани за добивање информации околу своето сексуално и репродуктивно здравје, изјави Тодоров.
Според него, добро е што се повеќе луѓе се одлучуваат да доаѓаат на ваков тип советување со што се докажува дека сериозно е победен стереотипот кој владееше во минатото за прибирање на вакви информации и поставување вакви прашања.
Ова, како што рече, е битно не само за заштита на личното здравје на граѓаните туку и за спречување на еден поопасен општествен феномен без оглед што Македонија има мала преваленца на Сида.
- Во повеќе други источни земји нагло е пораснато инфицирањето со овој вирус. Ние постојано треба да водиме грижа за ширење на овие информации и за спречување на сите сексуално преносливи болести, додаде Тодоров.
Фарах изрази задоволство од постоењето на Центарот за аодлесценти и млади луѓе, каде, како што рече, има доверливост и професионални информации. Тој очекува моделот да биде искористен во други места во земјата и да биде достапен за младите.
Според него, достапноста е многу важна бидејќи не треба да се пропушти шансата младите да избегнат да бидат изложени на сексуално преносливи болести или на несакана бременост.
- Само 100-тина советници ги посетуваат руралните области и ќе се согласите дека оваа бројка е мала. Работиме со Министерството и Центарот да допреме до што е можно поголем број на млади луѓе. Утрешнината на Македонија е составена од денешнината на младите луѓе. Кога младите се повеќе и подобро информирани, тие напредуваат и не се однесуваат ризично, додаде Фарах.