Честитка од премиерот Груевски по повод 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани сограѓани,

Пред нас е чествувањето на денот на кој пред 119 години беше формирана Македонската револуционерна организација. По тој повод, од името на Владата на Република Македонија, и од свое лично име, сакам на сите граѓани во Република Македонија и во дијаспората, да им го честитам големиот државен празник, 23-ти Октомври - Денот на македонската револуционерна борба.

Организираното дејствување и мотивот на нашите предци за создавање на сопствена, слободна и независна македонска држава претставуваат едни од најсветлите моменти во македонската историја. Таквиот идеал, со посебна жестина во сите свои манифестации, избликнал сред нашиот народ кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога добива и карактеристика на инспирирано, организирано интелектуално и вооружено движење, чија основна цел се слободата и правдата. Симбол на таквиот изблик е токму Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, чие основање се случило токму на 23-ти Октомври 1893 година.

Празнувањето на овој ден, претставува вистински израз на почит кон големите дела на македонската историја. Под крилото на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, биле остварувани идеалите и реализирана  борбата на народот за достоинство, за слободата, правдата и човечките права. ВМРО израснала во вистински култ на македонскиот непокор, и Организација која во својата суштина се темелела на вредностите, цврсто го почитувала моралот, соработката и почитувањето со останатите народи кои живееле на овие простори. Оваа организација е извор на бројни легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонските револуционери, но и на високо интелектуални исчекори на полето на политичката и општествена мисла. Со своето дело, илинденската генерација го направи достапен сонот за слободата, сон кој продолжи да се сонува од сите следни генерации, за конечно да стане реалност на заседанието на АСНОМ во 1944 година и целосно да се потврди на референдумот за независност на Македонија во 1991-та година. Наша обврска е да ја продолжиме изградбата на нашата Татковина Република Македонија во силна, модерна и напредна држава, член на Европската Унија и НАТО.  

Дострелот на македонската револуционерна организација е пример за восхит и почит !

Нека е вечен и вековит споменот за Македонските револуционери!

Нека е честит големиот празник 23-ти Октомври!

Со почит,            

Никола Груевски