Бесими и Стром-Ериксен присуствуваа на воената вежба „Безбедна патека 2012“

 Министрите за одбрана на Македонија и на Норвешка, Фатмир Бесими и Ан-Грете Стром-Ериксен денеска во центарот за обука „Пепелиште” присуствуваа на вежбата „Безбедна патека 2012”.

Вежбата „Безбедна патека 2012” е плод на билатерална соработка во областа на военото здравство, проект на военоздравствените служби на кралство Норвешка и Република Македонија од 2008 до 2012 година. Во рамките на проектот предвидена е донација од лесно маневарска полска болница, реконструкција и опремување на Центарот за медицинска обука и упатување на македонски хируршки тимови во ИСАФ провинциските тимови за реконструкција во Мајмана.

Придобивките за АРМ од билатералната соработка се нова, комплетна и најсовремено опремена лесно маневарска полска болница, работа на медицинкиот персонал во интернационална средина, усвојување на медицински НАТО стандарди, процедури и протоколи и најсовремена медицинска обука планирана врз основа на богатото норвешко искуство. 

Норвешката министерка во својот говор на свеченоста рече дека Македонија отсекогаш имала клучна улога во нивните напори за унапредување на стабилноста и развојот на Западан Балкан.

- Во изминатите неколку години нашите билатерални односи на полето на одбраната постигнаа еден голем чекор напред. Обезбедувањето на болница предводена од Норвешка во Мејмана немаше да биде возможно без хируршките тимови од Македонија и нивото на компетентност и професионализам на македонскиот тим кое беше импресивно. Македонија е земја со која сакаме да соработуваме и сакаме да ја видиме како идна членка на НАТО сојузот и оваа донација претставува знак на поддршка за понатамошните интеграции на Македонија во НАТО. Поддржувајќи го членството на Македонија во НАТО и реформата на вооружените сили ние и понатаму ќе ги подржуваме проектите на Македонија, изјави таа.

Министерот за одбрана Бесими истакна дека со поддршка од Кралството Норвешка Република Македонија исполнува значаен критериум во декларираните единици на земјата за учество во мировни мисии преку развој на подвижната болница од ниво два.

- Со исполнувањето на оваа цел со подвижната болница ќе се организира, опремува и подготвува поддршка за операциите предводени од НАТО со што се исполнува значаен критериум во евроатлантските интеграции, рече министерот. Персоналот за пополна ќе се обезбедува од капацитетот на воено медицинскиот центар, од активната резерва  и веројатно од јавното здравство на Република Македонија, кои заедно со материјалната база и соодветната обука ќе создадат целосни услови за исполнување на прифатените обврски и дел од декларираните сили на АРМ до крајот на идната година.

Бесими рече дека се вложуваат многу напори и за успешно да се креира ефикасна и кредибилна воено-медицинска служба со која се гордее како министер.

- Република Македонија дава голем придонес кон меѓународните операции. Операцијата АЛТЕА во БИХ а во изминатиов период и во рамките на норвешкиот тим во Мејмана, со хируршки тим. Навистина ми е драго што нашата цврста заложба за зајакнување на придонесот кон меѓународните операции денес станува наша реалност. Донацијата на оваа болница со преку два милиони евра ќе даде значаен придонес  кон подобрувањето на капацитетите на АРМ за учество во меѓународните операции предводени од НАТО, ЕУ или ООН, рече Бесими.

Поздравувајќи ја помошта од Кралството Норвешка на севкупните евроатлантски напори на Република Македонија, министерот и се заблагодари на норвешката министерка за несебичната материјална и финансиска поддршка неопходна за успешната реализација на заедничкиот проект. Притоа изрази надеж дека во иднина двете земји ќе имаат можност за нови форми на соработка и заеднички успешни проекти.

Бесими се заблагодари за учеството на заедничката вежба „Сигурна патека” на која покрај Република Македонија учествуваат и медицински тимови од Република Србија и Кралството Норвешка.

- Регионалната доверба се потврдува токму преку овие заеднички проекти на соработка од областа на одбраната, мирот и безбедноста, додаде Бесими во своето обраќање.

АРМ и досега имала соработка со Норвешка на ова поле зашто наши медицински  хируршки тимови биле дел од заедничка мисија ИСАФ во Авганистан.