Попоски: Поголемата комуникација може да ја зголеми довербата и соработката меѓу соседите
Зголемена комуникација на министерско или кое било друго политичко ниво може само да го зголеми нивото на доверба и можностите за уште поголема соработка меѓу државите соседи, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.
- Доколку говориме за добрососедство првата работа на која помислуваме е искреноста, отвореноста, отворената комуникација. Во тој контекст би сметал дека размените на посетите меѓу министри за надворешни работи или политички претставници од соседни земји е нешто на што мораме да работиме и што би требало да ги одразува работите кои се на одлично ниво меѓу граѓаните и бизнисите на двете земји. Конкретно тоа би требало да се однесува и на Република Македонија и Република Бугарија. Во секој случај не сметам дека има било што негативно во зголемена комуникација. Сосем спротивно сметам дека зголемена комуникација може само да го зголеми нивото на доверба и да ги зголеми можностите за уште поголема соработка во иднината, рече Попоски на новинарско прашање за изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов во врска со неговата покана за посета на Македонија оти нема потреба од разговори, туку од дела.
За предлогот на Младенов за промена на учебниците по историја во Македонија, шефот на македонската дипломатија го повтори ставот историјата да им се остави на историчарите.
- Сметам дека постигнавме определена согласнот околу тезата дека историјата треба да биде оставена на историчарите. Мислам дека доколку се придржуваме до овој принцип можеме да обезбедиме најдобро ниво на соработка, рече Попоски.
Тој денеска имаше средба со почесните конзули на странски земји во Република Македонија. На оваа прва средба од ваков вид на која учествувале 27 почесни конзули од 24 земји станало збор за поттикнување на соработката и создавање асоцијација на почесни конзулти која, како што рече, смета дека може да придонесе за дополнителна афирмација на Македонија, како и да определат активности во идниот период кои ќе бидат во заеднички интерес. Тоа особено се однесува, како што истакна Поповски, на клучните цели на МНР во однос на промовирањето на земјата како одлична дестинација за странски инвестиции, за туристи и за стимулирање на инвозните потнцијали на претпријатија од Република Македонија во странство.
- Се надеваме дека во двата домена можеме да направиме крупен исчекор. Сите присутни конзули ја поздравија оваа иницијатива и се заложија за дополнителна динамика на активности која се надеваме дека ќе овозможи уште поголема видливост на нивното учество и остварувањето на заедничките цели, рече министерот Никола Попоски.