Премиерот Никола Груевски се сретна со неговиот унгарски колега Виктор Орбан

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 14.11.2012 година) во Будимпешта, оствари средба со премиерот на Република Унгарија, г-дин Виктор Орбан.

На средбата двајцата соговорници ги констатираа одличните билатерални односи кои владеат помеѓу двете земји и истакнаа посветеност за нивно понатамошно унапредување и продлабочување на секое поле од заеднички интерес.
Особен акцент соговорниците дадоа на можностите за понатамошно унапредување на економските односи, зголемување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

Во оваа насока двајцата премиери го поздравија денешното формирање на мешовитата македонско-унгарска комисија за економска соработка, за која оценија дека со својата работа значително ќе придонесе за интензивирање и динамизирање на економските односи помеѓу компаниите од двете земји и помеѓу двете земји во целина.

Двајцата премиери разговараа и за европските и евроатлански интеграции.

Премиерот Груевски информираше за реформите кои се спроведуваат во нашата земја, кои беа позитивно оценети од страна на Европската Комисија во најновиот извештај за напредокот на нашата земја, и каде што беше по четврти пат препорачано Европската Унија да определи датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Унијата.

Премиерот Орбан истакна дека Унгарија силно ја поддржува интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската Унија, и дека отвореното прашање со Грција не треба да биде пречка за почетокот на преговорите за членство на нашата земја во Европската Унија.

Двајцата премиери разговараа и за ефектите и влијанијата од европската должничка криза и механизмите за надминување на предизвиците и овозможување на економски раст и развој.

Соговорниците разговараа и за соработката во областа на образованието и културата.