Доделени првите лиценци за проценители на недвижнини и транспортни средства
Единаесет фирми денеска од Министерството за транспорт и врски добија лиценци за вршење на дејноста проценување недвижен имот и транспортни средства.
Овластените проценувачи што ќе работат во тие фирми ќе вршат проценка во случај на пренос на правото на сопственост, определување на вредноста на капиталот кога доаѓа до промена на беговата вредност и структура, како и при статусни измени, стечајна и ликвидациска постапка, оданочување со даноци на имот, инвеститорски консалтинг и други случаи предвидени со Законот за процена.
- Доделувањето на лиценците го означува почетокот на стандардизацијата во оваа сфера. Точно се знае кој може да врши процена и под кои критериуми и токму затоа воведувањето на овие лиценци е од интерес на граѓаните и бизнис-заедницата и на сите оние кои се засегнати директно од потребата во идниот период да добијат одредена услуга од овластените проценувачи за недвижен имот и транспортни средства, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во обраќањето на доделувањето на лиценците.
Трговските друштва кои добија лиценци согласно Законот за процена ги исполнија условите за добивање на тој тип лиценца. За издавање на лиценцата за проценување не е предвидено плаќање надомест.
Според Јанакиески, лиценците што се издадени се евидентираат во регистарот за процена на Министерството за транспорт и врски, збирниот регистар на Комората на проценувачи и во Централниот регистар.