Арифи: Процесот на деблокирање на прашањето за евроатлантските интеграции останува приоритет
Сликата во регионот оваа година дефинитивно се менува во однос на евроинтеграциите и многу е битно Република Македонија да не остане надвор од еден процес кој апсолутно добива регионална димензија, изјави денеска на прес-конференција вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи посочувајќи на аргументите со кои земјата ќе лобира пред декемвриските средби на највисокиот врв на Европската унија.
Арифи, која реферираше за сработеното од доаѓањето на функцијата, најави дека ноември ќе биде месец на лобирање пред претстојните состаноци на Унијата во декември и оти и претстојат посети на Лондон, Париз, Даблин и средбите во Атина и Брисел.
- Добивањето датум за преговори е клучно и многу значајно за сите граѓани на Република Македонија и процесот на деблокирање на прашањето за евроатлантските интеграции останува приоритетно прашање, изјави Арифи.
Имајќи ја предвид состојбата во соседна Грција и претстојниот избор на нова влада, вицепремиерката рече оти очекува средбата да се оствари со наследникот на Теодорос Пангалос.
Прашана дали состојбите во Атина ќе влијаат на разговорите за името, Арифи вели дека проблемот е доста стар, но тоа не значи дека ние не треба да се ангажираме и да лобираме да го добиеме датумот за преговори или да останеме без ништо во декември.
- Мислам дека политички и државнички е коректно да повикуваме и да се ангажираме за тоа. Сметам дека треба да се надеваме дека кон ова прашање треба да очекуваме конструктивност и од страна на Европската унија и од страна на Грција додека и ние треба конструктивно и рационално да се однесуваме кон проблемот, вели вицепремиерката.
Буџетот за 2012 година за Секретаријатот за европски прашања е зголемен за 5,45 проценти, рече Арифи одговарајќи на наводите дека средствата за Секретаријатот во континуитет се намалуваат. Средствата се намалуваат во делот на комуналните услуги и репрезентација, а зголемени се за реализација на процесите и хармонизација на законодавството. Тенденција на намалување на Буџетот, како што додаде таа, имало од 2008 до 2011 година.
СЕП во изминатиот период подготви Акциски план за активностите што треба да се преземаат, а кои произлегуваат од препораките на ЕК. - Претежно се сконцентриравме на реформите во јавната администрација, во судскиот систем, делот на медиумите и тркалезната маса и процесот на дијалогот со медиумите, изјави Арифи.
Пред два дена Секретаријатот добил предлог - акциски план од страна на Здружението на новинарите на Македонија, за што, како што најави, за кратко ќе биде испратен одговор и ќе се пристапи кон организирање на втората тркалезна маса.
По објавувањето на Извештајот на ЕК, е подготвен втор акциски план, кој од идната недела ќе влезе во владина процедура, додека до декември ќе биде подготвена агендата за 2012 година.