Честитка од премиерот Груевски по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Почитувани припадници на албанската етничка заедница,

Дозволете ми, од мое лично име и од името на членовите на Владата на Република Македонија да Ви го честитам 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Одбележувањето на ваквите празници во современите мултиетнички општества е исклучително важно и значајно. Преку нив ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување, учиме еден за друг и живееме еден покрај друг.  Едноставно, кога некој празнува, секој друг кој го почитува, го смета за близок и пријател, се придружува кон прославата и изразите на почит. Само на тој начин, преку почитување на етничкиот и културниот колаж, даваме целосна поддршка на нашето граѓанското општество, но воедно се етаблираме како одличен модел и пример и на сите наши соседи и земјите од регионот. На овој начин потврдуваме дека секој воспоставен празник е празнување на сите граѓани на Република Македонија, и на нашата заедничка иднина и иднината на целиот регионот.

Владата на Република Македонија, како досега, така и во иднина ќе продолжи со негување и понатамошно унапредување на интересите и културни особености на сите етнички заедници во Република Македонија, меѓу кои и на албанската етничка заедница, која е нераскинлив дел на македонското општество.

Верувам дека со заеднички сили, верувајќи во заедничките вредности, ќе продолжиме со спроведувањето на реформите и модернизацијата на нашата земја, со напорите за обезбедување на услови за економски раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните, и со прогрес во сите останати општествени сфери со цел изградба на силна, модерна и напредна Република Македонија, член на Европската Унија и НАТО.

Никола ГРУЕВСКИ