Промовирани 20 нови дела од добитници на Нобеловата награда за литература
Нови 20 преведени дела на добитници на Нобелова награда за литература се промовирани денеска како надополнување на владиниот проект за превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда.
Покрај денеска промовираните, планирано е до март идната година да бидат преведени и отпечатени уште 21 дело на добитници на Нобеловата награда. Во новите 41 дело вклучена е и последната Нобелова награда за литература.
- Целта на оваа наша активност е да ја збогатиме македонската книжевност на преведени дела, да го збогатиме македонското библиотечно богатство, но исто така и понудата за македонските граѓани да читаат на македонски јазик вредни и најпознати дела од светската литература, истакна премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска присуствуваше на денешната промоција.
Истакна дека покрај ова, се реализира и проектот насловен како „Ѕвездите на светската книжевност“ со кој е планирано да бидат преведени 560 дела на познати автори од светот. Од нив досега промовирани се 56 дела, а до крајот на месецот уште 50-тина дела. Проектот се очекува да заврши во 2014 година.
Најави дека ќе почне и реализацијата на уште еден проект насловен како превод на врвовите на светската филозофија, прихологија и прихоанализа и најдобрите дела од светската историја. Досега е составена листа од околу 300 дела која е испратена за мислење до неколку светски катедри по што се очекува околу Нова година да биде објавен конкурсот за превод и печатење на овие дела.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оцени дека проектот овозможува да бидеме во чекор со развиените култури и литератури од Европа и светот, а на македонските читатели им се дава можност да уживаат во ремек делата создадени во светската литература во последните сто години.
- Ова надополнување на нашата книжевна јавност ќе и овозможи комплетен увид во сложеното литературно творештво на нобеловците Сенкјевич, Кимплинг, Хамсунг, Бергсон, Пирандело, Хесе, Расел, Стајнбек и други светски книжевни пера. Верувам дека овие 20 дела, како и останатите кои ќе ги презентираме пред јавноста во март 2013 година, трајно ќе бидат вградени во нашата култура и ќе претставуваат репер за натамошните развојни процеси на македонската литература, рече Канческа-Милевска.
Проектот за превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда беше комплетно реализиран во текот на 2009 и 2010 година со поддршка на Владата на Република Македонија и Министерството за култура. Со него беа преведени и отпечатени 106 дела од добитници на Нобелова награда.