Промовирани нови 44 дела од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“
Нови 44 дела од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, се промовирани денеска во Македонската академија на науките и уметностите. Проектот кој содржи врвни дела од светското книжевно творештво, современи класици, познати бестселери, мемоари, избрани дела и творби на добитници на светски признанија, е крупен чекор во етаблирањето на Република Македонија како држава која ги почитува и афирмира светските книжевни вредности и нивниот придонес во општиот цивилизациски развој.
Во обраќањето пред присутните на промоцијата на делата, премиерот Никола Груевски рече дека пред неколку години започнале со подготовки на капиталниот проект, „Ѕвезди на светската книжевност“, кој, како што истакна, опфаќа систематизација, превод на македонски јазик и печатење во Македонија на 560 врвни дела на светската книжевност.
- После голема макотрпна работа на поголем број писатели, академици, професори, преведувачи и лектори оваа година почнавме со поромоција на првите преведени и испечатени книги од овој проект. Во јули се промовираа првите 55 книги, а денес промовираме нови 44 книги од овој проект. Со тоа досегашниот број на испечатени и промовирани книги од овој серијал се искачува на 99, а во фаза на реализација се 234 дела. Останатиот дел од книгите ќе ги реализираме до крајот на 2014 година, како што и беше планирано, посочи премиерот Груевски.
На тој начин, потенцира Груевски, продолжуваат капиталните проекти за освежување и сериозно надградување на македонската книжевна ризница, идеја која почна со реализација преку проектот „130 тома македонска книжевност“ , а продолжи преку проектите за „Превод на литературните дела на нобеловците“, проектот за „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“ од кои се учи на најдобрите и најдобро рангираните универзитети во светот“, како и со проектот „Ѕвезди на светската книжевност“.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека најголемиот дел од извонредните книжевни форми кои денеска се промовираат не се преведени на македонски јазик и изрази уверување дека издавањето на овие дела ќе биде исклучителна придобивка за граѓаните, да се запознаат со врвните вредности и ремек делата создавани во светот на литературата.
Преку овој проект, посочи таа, ги надминуваме децениите на застој во македонската преведувачка и издавачка практика, а особено значајно е што овој капитален потфат ги афирмира изразните капацитети на македонскиот јазик и неговата богата лексика и потврдува дека преку колоритноста на македонскиот збор може да се доловат и мислите на врвните мајстори на зборот од целиот свет.
- Со денешната промоција на новите 44 книги до македонските библиотеки и другите научни установи ќе бидат достапни делата на многу автори, како што се Џозеф Конрад, Тони Морисон, Џулијан Барнс, Кристофер Марлоу, Шодерло де Лакло, Том Волф, Лоренс Стерн...Наредната 2013 година според динамиката ќе бидат преведени уште 150 книги. Овие дела ќе бидат репер за натамошните развојни процеси на македонската литература и ќе отворат многу нови хоризонти за младите македонски автори, додаде Канческа-Милевска.
Претседателот на Комисијата за проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ академик Митко Маџунков рече дека успешните преводи стануваат оргинали во моментот кога ќе се појават во нова јазична средина; со тоа, самиот јазик добива светска важност.
Тој нагласи дека јазикот на кој успешно се преведени најзначајните дела на светската литература, никој никогаш не може да го оспори, а со тоа не може да го оспори ни народот што зборува на тој јазик, како ни државата во која тој народ живее.
Во тоа е вишата цел на оваа едиција, истакна Маџунков и додаде дека едицијата спонтано ги поврза поединечните дејности и акции на Владата на Министерството за култура, на извршните издавачи, на преведувачите и конечно на самата редакција за да ги насочи кон заедничката цел.
- Ние веруваме дека со првите 100 книги од „Ѕвездите на светската книжевност“, нашето издаваштво, па и македонскиот книжевен јазик, видливо се подобрени. А, како што еднаш забележал Достоевски, нема поголема доблест од таа во својот јазик да внесеш барем „еден нов збор“, додаде Маџунков.