Предавање на Попоски и Волерс во Дипломатската академија при МНР
Во организација на Директоратот за Дипломатска академија денеска во просториите на Министерството за надворешни работи министерот Никола Попоски и амбасадорот на САД Пол Волерс одржаа заедничко предавање.
Министерот Попоски, како што соопшти МНР, накусо се осврнал на добрите билатерални односи меѓу двете земји при што истакнал дека САД и Република Македонија делат еднакви мултикултурни и мултирелигиски вредности, при што посебно ја потенцирал поддршката што САД ја даваат на Република Македонија и на целиот регион. Што се однесува до надворешната политика на Република Македонија, министерот Попоски нагласил дека наш приоритет претставува членството во Европската Унија и во НАТО, а мнозинството од граѓаните во државата ги поддржуваат овие стратешки определби.
Амбасадорот Волерс, пак, говорел за улогата на концептот на лидерство при што истакнал дека тоа е клучот за успешно работење на секоја организација независно дали станува збор за администрација, стопанство или кој било сегмент од секојдневното живеење.
- Заблагодарувајќи се на Дипломатската академија за организирањето на настанот, тој истакна дека во обуката на американските дипломати, тренинзите од областа на лидерство се неопходност без која не може да се напредува во службата, односно кариерата. Амбасадорот Волерс со македонските дипломати сподели повеќе принципи на лидерството што ги осознал во текот на својата кариера, и како војник и како дипломат. Тој подвлече дека лидерството во суштина е способност за решавање проблеми, но дека исто така е долгорочен процес што се провлекува низ целиот живот и за кој е потребен пред се личен интегритет, се вели во соопштението на МНР.
На крајот од своите излагања министерот Попоски и амбасадорот Волерс одговараа на повеќе прашања.