Советот за култура ја поздрави активната меѓународна соработка на Македонија во 2012-та
Советот за култура на денешната седница ја поздравил активната меѓународна соработка и претставување на културата на Македонија во странство. Покрај потпишаните билатерални договори со шест држави за соработка во културата, Македонија во 2012-та беше комплексно претставена во Киев, Лондон и Брисел и на манифестации и фестивали на кои редовно учествува.
- Постигнатите резултати во оваа дејност беа позитивно оценети од членовите на Советот за култура. Заедно ги лоциравме пунктовите на кои во иднина треба уште поинтензивно да работиме, со цел да ги унапредиме културните врски со другите земји и силно да ја промовираме македонската култура во меѓународен контекст, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција по состанокот на Советот.
Годинава биле поддржани 230 проекти за меѓународна соработка – на национални установи, на невладини здруженија за култура, на уметници поединци кои се претставиле надвор од земјава и проектите на културно-информативните центри во Софија и Њујорк. Министерката подвлече дека е посебно важно што сите претставувања имале голем одѕив и интерес кај јавноста.
Подемот во меѓународната презентација во изминатите години, рече Канческа-Милевска, се должи на зголемениот буџет за меѓународна соработка, кој во 2012 година изнесувал 75 милиони денари или двојно повеќе од 2006-та кога за таа намена биле издвоени 36 милиони денари.
Советот за култура побарал поголем ангажман на издавачките куќи во промовирањето на Македонија на саемите на книга во светот. Министерката рече дека недостигаат квалитетни апликации со прецизни концепции за претставувањето и затоа ќе се заострат критериумите за избор на комесари на саемите. Советот сугерирал проектите кои се преставуваат во културно-информативните центри на Македонија во Софија и Њујорк да се пренесат и во други тамошни институции од културата, македонските уметници да се запознаат со договорите што земјава ги склучува со други држави и со можностите што им се достапни преку нив, да се подаруваат реплики од познати македонски дела во седиштата на меѓународни организации...
Претседателот на Советот за култура, академик Цветан Грозданов рече дека тоа што е направено во меѓународната соработка е импозантно и неверојатно. – Тоа го кажувам јас, кој сум водел културни врски со странство пред 50 години. Импресиониран сум, рече Грозданов.
Режисерот Љубиша Георгиевски истакна дека по долго отсуство и маргинализирање, културата сега е во центарот на општественото внимание и дека културата е адекватен одговор за сиот свет.
- Ако не инвестирате во својата култура, кога-тогаш ќе инвестирате во туѓа. Ова е прва македонска влада која тоа го разбра. Македонија ќе се противстави на оспорувањата со претставување на својот блескав идентитет преку нејзината уметност. Ние сме мала земја на која и доликува голем одговор, и тоа културен, рече Георгиевски.
И во 2013 година Македонија ќе испрати свои претставници на познати културни манифестации, како Венециското бинале за уметност, на меѓународни саеми на книга, а ќе се претстави и во Марсеј кој, покрај Кошице, е европска престолнина на културата идната година. Во соработка со УНЕСКО, во мај во Охрид ќе биде организирана и третата меѓународна верска конференција.