Заокружен проектот на Владата за 312-те нови автобуси
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од денеска ги има на располагање сите 312 нови автобуси, донација од Владата и Министерството за транспорт и врски, вредна околу 57 милиони евра.
Денеска беа промовирани последните 64 двокатни и 15 панорамски двокатни автобуси на кинескиот производител „ЈУТОНГ“ во присуство на премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
- Денеска се заокружува проектот во кој многумина не веруваа, а не веруваа затоа што со години наназад многу градоначалници и политичари зборуваа и ветуваа дека ќе го решат проблемот, но никој не смогна сили да замени барем дел од старите автобуси и преку 30 години. Ние одговоривме на ова прашање јасно и недвосмислено. Ветивме купување на нови автобуси и го исполнивме нашето ветување. Она што не беше направено 20 години ние го направивме за две години, рече премиерот Груевски на промоцијата на новите автобуси на ЈСП.
Новите автобуси, нагласи, започнаа да пристигнуваат на почетокот на 2011 година и сега на почетокот на 2013 година, додаде, можеме да кажеме дека е направена комплетна замена на автобусите во јавниот градски превоз во Скопје.
- Ветувањето е исполнето, а целта е постигната. Скопје доби нов автобуски превоз според сите европски стандарди онака како што доликува на една европска метропола. Над сто илјади граѓани кои живеат, работат или привремено престојуваат во главниот град секојдневно можат да ги користат новите автобуси кои во целост се вклопија во новиот изглед и имиџ на Скопје, рече Груевски.
Тој потенцира дека имаше многу скептицизам кога Владата се одлучи да набави двокатни автобуси за потребите на ЈСП „Скопје“ и им се заблагодари на сите кои придонесоа за набавка на автобусите, како и на оние кои беа против поради кои, како што рече, овој проект политички многу профитира иако можеби можеше да пројде и сосема незабележано.
Министерот Јанакиески посочи дека со автобусите кои денеска се пуштаат во употреба се заокружува проектот кој Владата го вети и реализира како дел од нејзината Програма.
- Сакам да објавам дека во целост е завршен проектот за набавка на „Нови градски автобуси во Скопје и двокатни отворени туристички автобуси за Скопје“. Старите автобуси кои претходно се користеа во главниот град, освен што беа премногу стари, го загадуваа воздухот и не беа соодветно затоплени и климатизирани, сега се минато. Конечно, жителите на Скопје се возат во нови и модерни автобуси откако извршивме набавка на 16 минибуси, 80 нископодни и 200 двокатни автобуси кои се со посебен дизајн карактеристичен исклучиво за Градот Скопје - стил кој потсетува на автобусите што тука се користеле во средината на минатиот век, рече Јанакиески.
Тој додаде дека денеска дополнително се промовираат и 15 двокатни автобуси со отворен покрив кои ќе се користат за панорамско разгледување на градот, но и во редовни линии кога тоа ќе го дозволат временските услови.
Градоначалникот Трајановски истакна дека новонабавените автобуси од кинескиот производител „ЈУТОНГ“ се со мотор „каминс“ од англиско производство што исполнува норма еуро 4, германско подвозје „ZF“ и се климатизирани со клима-уреди со моќност од 20 киловати. Покрај тоа, имаат и дигитален тахограф и автоматски управувана рампа за инвалидски и детски колички, а на панорамските автобуси покривот електронски им се отвора.
- Изгледот на главниот град со поддршката на Владата значително е изменет и сега скоро и да ги нема старите автобуси во градот, рече Трајановски.
Нагласи дека за потребите на ЈСП е изградена нова сервисна хала, како и нова автоматска перална за дневна нега на автобусите. До април годинава треба да бидат пуштени во употреба и 50 нови автобуски постројки, а до крајот на годинава сите 226 планирани автобуски постројки.