За развој и промоција на туризмот годинава 2,5 пати повеќе средства од лани
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Владата водејќи се од својата заложба за континуиран развој, унапредување и афирмација на туризмот во државата, а имајќи ги во предвид предностите и економската корист од развојот на оваа гранка, донесе Програмата за развој на туризмот за 2013 година, која ќе даде сериозна поддршка и значителен придонес во развојот на туристичката дејност.
Програмата за развој е пред се наменета за ефикасна и конкретна поддршка на промотивните активности за туристичкиот развој на државата, поттикнување на инвестициите во туризмот, презентација на Република Македонија како поволна и интересна туристичка дестинација, анимација на странските туристи за остварување на посети на земјата, развој на туристичките гранки, овозможување подобра и поефикасна туристичка понуда, како и директна финансиска поддршка за привлекување на странски туристи преку субвенционирање на туристичките агенции кои носат странски туристи во земјата.
Овие цели имаат и конкретна поддршка во определениот финансиски износ кој ќе служи за поддршка на активностите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Значајно е да се истакне дека оваа година Владата ќе ја финансира Програмата со 148 000 000 денари или околу 2,5 милиони евра, што е за два пати и половина повеќе средства во однос на минатата година, кога финансиската поддршка изнесуваше околу 1 милион евра.
Исто така, значајно е да се потенцира дека Владата одлучи да ја зголеми сумата за субвенции за привлекување на странски туристи и од минатогодишните 800 000 евра за оваа намена, во 2013 година за оваа цел се определени 1 000 000 евра што е зголемување за 20%.
Оваа Програма содржи повеќе поглавја со конкретни аспекти за овозможување на поддршката.
За поддршка на конвенционални промотивни активности се предвидуваат 53 000 000 денари. Овие активности опфаќаат:
-подготвување, печатење и дистрибуција на печатен промотивен материјал,
-учество на туристички саеми,
-организирање на презентации и средби со странски туроператори,
-организација на ФАМ посети на Република Македонија за туроператори и за новинари,
-билборд кампањи,
-промотивни текстови и реклами во медиуми и
-организација на конференции и работилници за дојдовен туризам.
Значајно е да се напомене дека оваа година потенцијалите на Република Македонија за привлекување на странски туристи, организирано ќе бидат презентирани и промовирани на 18 дестинации, и тоа на големи саемски манифестации од областа на туризмот, како што се саемите во Москва, Виена, Хелсинки, Утрехт, Софија, Тирана, Истанбул, Белград, Варшава, Брисел, Милано, Гетеборг, Познањ и Берлин, како и специјална промоција на саеми и останати манифестации во Индија, Кина, Јапонија и САД, со што се очекува зголемување на свесноста на странските туроператори за нашата земја, што би резултирало и со зголемени посети.
За активности за електронска промоција, односно промоција преку нови медиуми и интернет, во кои спаѓаат активно користење на веб портали и веб страни и користење на интернет социјални мрежи и промоција на веб пребарувачи се издвојуваат 5 000 000 денари. Фокус на промоција овде се остварува кон младата популација која е најголем корисник на овие медиуми.
За специфична промотивна активност насочена кон транзитните патници кои циркулираат во земјата одејќи кон друга дестинација, активност што опфаќа организација на делење на флаери на гранични премини и креирање на дополнителна туристичка понуда по должина на главните патни, правци се наменуваат 3 000 000 денари.
За активности за поддршка на туризмот ќе бидат одвоени 19 000 000 денари. Во нив спаѓаат:
-поттикнување и организација на мапирање и обележување на планинарски патеки, креирање на мапи, како и комплетен водич и е-водич со планинарски патеки;
- поттикнување и организација на мапирање и обележување на велосипедски патеки, креирање на мапи како и комплетен водич и е-водич со велосипедски патеки;
-поддршка и развој и промоција на кампинзите;
-развој на е-пазар Изнајми стан или викендичка;
-изработка на стратегии за развој на алтернативен туризам;
-поддршка и организација на културни и спортски активности во функција на развој на туризмот;
-остварување соработка со општини и региони и нивна туристичка анимација и
-организирање на директни деловни средби со национални туристички организации во функција на развој на поширока регионална туристичка понуда.
Со оваа значителна вкупна финансиска поддршка на активностите за промоција на туризмот од 148 000 000 денари, се очекува дополнително унапредување на условите за развој на туризмот, зголемен прилив на странски туристи и врз основа на тоа зголемен девизен прилив за земјата, користење на потрошувачката моќ на странските туристи за контрибуција на останатите економски сфери, како и обезбедување на егзистенција за домашните компании и граѓани, и отворање на работни места во туризмот и дејностите кои имаат корелација со туризмот како основна гранка.