Тодоров: Најголем дел од клиниките со добра санитарна состојба
По спроведени инспекциски контроли за хигиенските услови на скопскиот клинички центар, кај најголем број клиники, односно кај 17, е констатирана добра санитарна состојба, а кај четири сериозно нарушување, за што директорите ќе бидат казнети два месеци по 15 проценти од платата.
Резултатите од контролите ги презентира министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција, на која најави нова четири годишна програма за контрола на јавните здравствени установи, според која покрај најавените ќе има и ненајавени инспекции.
- Доколку во ненајавените контроли констатираме состојба која е различна од таа во најавената во текот на месецот тогаш ќе има двојна санкција за директорот. Доколку двапати по ред има двојна санкција за директорот на јавната здравствена установа тогаш ќе го смениме директорот, рече Тодоров.
Кај одреден број клиники при контролите биле утврдени помали пропусти за што им е даден рок да ги надминат, а ќе поминат само со опомени.
Ресорниот министер не ги објави имињата на четирите клиники со сериозни нарушувања на хигиената, за да, како што рече, не бидат јавно жигосувани. Кај една од нив имало посериозни недостатоци поради што најави посериозни санкции за првиот човек на клиниката.
Со новата четиригодишна програма за мониторинг на болниците секоја од нив ќе биде контролирана на точно утврдени датуми објавени на веб страницата на Министерството, но, според Тодоров, ќе има и ненајавани инспекции. Со таквиот начин на контрола им се упатува порака на директорите на сите јавни здравствени установи да има високо ниво на хигиена како еден од условите за добро функционирање на установите.