Пуштена во употреба нова спортска сала во Делчево

 

Со пригодна свеченост денеска е пуштена во употреба новата спортска сала  на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во Делчево во рамките на проектот „Изградба на 145 училишни спортски сали во Македонија“.

- Изградбата на 145 спортски сали отпочна 2009 година и претставува проект со трајна вредност, кој ќе биде спомен на денешните и генерациите што доаѓаат. Изградбата носи новини, напредок, нова сила и енергија, рече министерот за образование и наука Панче Кралев на свеченоста по повод предавањето во употреба на спортската сала.

Салата е со корисна површина од 650 метри квадратни и е изградена според најновите стандарди за ваков тип објекти, со енергетска ефикасност, сигурност и квалитет на вградените материјали. Во изградбата на новата спортска сала во Делчево се инвестирани 24 милиони денари, обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа.

Новиот спортски објект ќе го користат не само 712 ученици на ова училиште, туку и спортските екипи од градот и Општината. Тој располага со гардероби, туш-кабини, посебни простории за наставниците и други помошни простории.

- Верувам дека со отворањето на новите спортски објекти, создаваме услови за откривање нови таленти, во разни спортски дисциплини, идни освојувачи на медали, кои достојно ќе го промовираат Делчево и Република Македонија во меѓународни рамки, истакна министерот Кралев.

На свеченото пуштање во употреба на салата присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски