Попоски се сретна со јапонскиот заменик-министер за надворешни работи

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими заменик-министерот за надворешни работи на Јапонија Минору Киучи.

На средбата се разменети мислења во врска со можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји. Во тој контекст, заменикот-министер Киучи се заблагодари за одлуката на македонската Влада да упати дипломат во Токио, кој во наредните два месеца ќе ги заврши сите формални процедури за отворање  амбасада.

Двајцата соговорници ја нагласија потребата од натамошно интензивирање и развивање на соработката во рамки на меѓународните организации и институции, на политичката и економската соработка и на соработката во областите на туризмот, културата и образованието. Министерот Попоски особено ја акцентираше и потребата од заокружување на правната рамка меѓу двете земји.