Центар доби мониторинг станица за мерење на квалитетот на амбиентниот воздух

 

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, в.д. шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Роберт Лидл и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ денеска ја пуштија во употреба мониторинг станица за квалитетот на амбиентниот воздух во Центар.

Целта на мониторинг станиците, според ресорниот министер, е да се следат состојбите со квалитетот на воздхот. Тој информира дека мониторинг станица за следење на квалитетот воздухот направена е и во општина Карпош и оти сега има 17 низ цела држава, а предвидена е изградба на уште три во источна Македонија.

Според Адеми, квалитетот на воздухот е во рамки на дозволеното.

- Квалитетот на воздухот зависи и од времеснките услови во зима и есен секогаш има покачување на вредностите, но во нормалните граници, рече министерот додавајќи дека најмногу загадување доаѓа од автомобилите и градилиштата.

Тој посочи дека на веб страницата на Министерството податоците се објавуваат месечно, но оти се работи на усовршување на системот за објавување на податоците он лајн за граѓаните да можат да ги следат состојбите.

На новинарско прашање дали е регистрирано загадување на воздухот околу Железара, Адеми рече дека состојбата се следи и оти показателите се во рамки на границите на дозволеното.

В.д. евроамбасадотор Лидл истакна дека прашањето за заштита на животната средина е важно, но и тешко прашање и оти не може преку ден да се решат проблемите.

- Тоа е долготрајна работа во која треба сите да се вклучиме и да придонесеме. Да не возиме стари возила кои загадуваат, да не пушиме и да сториме се што можеме да се заштити животната средина. Ова е важно за нас кои го дишиме овој воздух и јас се радувам кога ќе можам во мојот дом да видам дека нема надвор загаден воздух, рече Лидл.

Тој нагласи дека следењето на квалитетот на воздухот и менувањето на законската регулатива ја движат земјата кон највисоките европски стандарди и во таа активност учествуваат сите, Владата, општините и сите граѓани.

- Вие се движите кон тие стандарди, правите чекор напред да ги постигнете, подвлече Лидл.

За градоначалникот Тодоровиќ, мерната станица за општина Центар значи многу во подобрувањето на животната средина.

- Ќе можеме автоматски да ги следиме податоците на воздухот од издувните гасови, но и од прашината што се создава. Доколку се утврди загадување на воздухот над дозволените граници во координација со Министерството за животна средина можно е да бидат преземени мерки со намалување на движење на бројот на возила во центарот, истакна Тодоровиќ.

Прашан за препораката на премиерот Никола Груевски за дислокација на велешката Топилница, Адеми изјави дека тој има право да препорачува за дислокација, но Министерството во моментот не може да даде став, бидејќи, како што рече, тоа ќе зависи од натамошните процедури, односно од оценката на влијанието врз животната средина кое ќе биде во натамошните фази. Ресорниот министер забележа дека локацијата на Тополницата во Велес е промашена.

За тоа дали има загадување од излевањето на јаловината од рудникот Тораница Адеми рече дека чекаат резултатите од повеќе лаборатории бидејќи сакаат споредба и потоа ќе излезат со одлука.

- Најверојтно таму има загадување. Не е првпат да се случуваат вакви хаварии во Тораница. Од Тораница требаше да не известат дека има хаварија и веднаш да запрат со работа, но бидејќи не не известија ние ќе постапиме согласно законот, рече Адеми.