Потпишан договор од областа на даночните прашања со Аргентина

Делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Никола Груевски, вчера (петок, 26.04.2013 година) во насока на продлабочување на односите помеѓу институциите од двете земји оствари посета на Главната даночна управа на Аргентинската Република.

Во рамките на посетата беше остварена средба со директорот на управата г-дин Рикардо Ешегереј и беа разменети мислења за можностите за унапредување на соработката помеѓу државните финансиски институции од двете земји.

По средбата, од страна на заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески и директорот Рикардо Ешегереј беше потпишан Договор за размена на информации за даночни прашања помеѓу Република Македонија и Аргентинската Република, со кој се овозможува меѓусебна билатерална поддршка која е релевантна за администрирање и спроведување на домашните закони во врска со даноците.

Со овој договор се создава правна рамка за меѓуинституционална соработка, утврдување, проценка и наплата на даноците, на даночни побарувања или пак испитување на даночни прашања.

Договорот нуди правна основа за понатамошен прогрес во договорното уредување на теми од областа на фискалните политики меѓу двете земји.

Беше истакната значајноста на овој договор од аспект на потврдувањето на транспарентноста на постапувањето во овие сфери во двете земји.

Од македонска страна беше претставен даночниот модел кој се применува во нашата земја и неговата димензионираност во насока на остварување на програмските цели на Владата.
    
Директорот Ешегереј даде позитивна оценка за нашите даночни политики и пракси, истакнувајќи ја нивната едноставност, кредибилност и ефективност, како и сегментот на поддршка на економскиот развој кој се овозможува преку нивното континуирано намалување.

Беше изразена политичка волја и договорено во идниот период да се динамизира постапувањето во насока на идното потпишување на Договорот за размена на информации за царински прашања, за што ќе следува процес на утврдување на текстот на договорот на институционално ниво.

Соговорниците изразија подготвеност да се започне со процес на консултации и размена на мислења во насока на креирање на правна рамка која ќе го регулира избегнувањето на двојното оданочување помеѓу двете земји.