Ставрески: Проекцијата за следната година е направена на квалитетен начин, може да се оствари економски раст од 4,5 проценти
Проекцијата за следната година е направена на квалитетен начин, но се зависи од околностите во европската економија. Доколку таму има барем релативно стабилни услови, како што покажавме годинава дека може да оствариме економски раст повеќе од проектираниот, така може и следната година да се оствари растот од 4,5 проценти.
Ова денеска го изјави заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески кој заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митревски потпишаа договор за финансирање на проектот „Реконструкција на стари и изградба на нови сервисни улици со сите потребни инсталации“ на територија на таа Општина.
- Се разбира, во денешно време сите носители на економската политика мора да потенцираат дека постојат ризици за економски раст. Тоа е европската економија и се зависи од тоа дали во развиените земји ќе се најдат соодветни решенија за должничката криза. Нашите очекувања се дека македонската економија со поддршката што ја има од буџетот, преку капиталните инвестиции и со директната поддршка од 150 милиони евра од Европската инвестициска банка за поддршка на малите и средните претпријатија, може да го испорача предвидениот економски раст, изјави Ставрески.
На прашањето дали се очекува ребаланс на Буџетот за 2012 година, вицепремиерот рече дека и лани биле такви прогнозите, и ако има потреба од ребаланс, тоа и ќе се оствари. - Тоа е најнормална работа, но на се уште недонесен буџет за следната година да се планира ребаланс, секако не би било соодветно. Ние како одговорни носители на економската политика мораме во сите ситуации да се прилагодуваме, затоа што во денешно време, економската политика не може да следи класични модели, туку треба да биде флексибилна и адаптабилна и во секое време, зависно од околностите, да се прилагоди. Ние сме подготвени тоа да го направиме, како и претходно што го правевме во одредени ситуации, изјави Ставрески.
Главните приливи на средства, одговори министерот на новинарско прашање, доаѓаат од даноците, акцизите и царините. - Во текот на минатите месеци имаме релативно добро полнење на буџетската каса, односно приходите се согласно проекциите. Очекувам дека и до крајот на годината ќе останеме во рамките на проектираното и без посебни проблеми ќе се реализира предвидената буџетска политика. Во секој случај, и на расходна страна имаме подобра реализација на капиталните инвестиции годинава, така што тоа создава дополнителен притисок врз буџетот, но тоа е позитивен притисок, подвлече вицепремиерот Ставрески.