Премиерот Груевски, министри и градоначалници го означија почетокот на есенската акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“

 

Премиерот Никола Груевски, заедно со министри од Владата на Република Македонија денеска на булеварот „Климент Охридски“ засадија дрвца со што го означија почетокот на осмата по ред акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“, која ќе се одржи на 23 ноември годинава.

Во рамки на есенската акција под слоганот „Садиме денес-пишуваме и праќаме писмо на мирот“, 5 милиони и 700 илјади стебла ќе се посадат на 400 локации во близина на населени места, природните и вештачките езера, како и во делот на националните паркови и на 400 километри во должина на регионалните и локалните патишта. Во изминатите седум акции се посадени 38 милиони стебла, така што со оваа акција, вкупно досега ќе бидат посадени околу 44 милиони садници.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, ова е голем чекор за Република Македонија со оглед на важноста што ја имаат шумите. Потенцирајќи дека е голем процентот на зафатени дрвца од претходните акции, тој информира оти ЈП „Македонски шуми“, согласно програмата за работа, секоја година има обврски она што не е зафатено, да изврши дополнување, односно засадување дрвца.

- Оваа акција во најголема мерка во реализација на ЈП „Македонски шуми“ ќе чини како и вообичаено последните акции, а тоа е околу 70 милиони денари, изјави министерот Димовски.

Во Градот Скопје од 2009 година, истакна градоначалникот Коце Трајановски, има посадено 40.000 дрвја, од кои 35.000 дрвја, а пет илјади се грмушки.

- Градот Скопје набави 2.000 квалитетни садници од Холандија. Овие што денеска се засадени се декоративни јавори. Садниците главно ќе се садат по булеварите на Град Скопје, а ќе се делат и по месни заедници и куќни совети, рече градоначалникот Трајановски, подвлекувајќи оти при обновувањето на дрвниот фонд, за секое исечено дрво поради реконструкцијата на булеварите, засадува 10 нови дрвја. Секоја година, посочи тој, во Скопје се засадувааат 5.000 на пролет и исто толку дрвја на есен преку ЈП „Паркови и зеленило“, финансирано од Градот Скопје.

Со денешниот чин, изјави градоначалникот Владимир Тодоровиќ, и општина Центар покажа дека се грижи и дава поддршка за животната средина, не само како обнова на постоечките дрвореди, туку и засадување нови садници, особено во центарот каде што има поголема концентрација на возила.