Над 2.000 апликации за владиниот оглас за раководни позиции

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Владата на Република Македонија има стратешки интерес и определба за анимација и активирање на лицата кои поседуваат способности, и имаат мотив и волја да се вклучат во општествените процеси, со цел здобивање со можност за нив да партиципираат и во раководењето со институциите.

За таа цел, во текот на минатиот месец беше распишан и јавен повик за пријавување на интерес за ангажирање на раководни позиции на различно ниво во државниот систем. По завршувањето на рокот за поднесување на кандидатурите може да истакнеме дека ние сме задоволни од интересот кој е покажан од страна на граѓаните и дека беа исполнети во целост поставените цели на повикот.

Владата немаше никаква законска обврска да распише ваков повик, но во функција на транспарентноста и мобилизацијата на способните кадри кои сакаат општествена активација, се одлучивме на ваков пристап како јасна демонстрација на политиката на отворени врати која ја практикуваме. Граѓаните го препознаа овој пристап и позитивно го оценија што се огледа и во интересот кој е покажан при аплицирањето, и ние сме благодарни за тоа.

По однос на повикот, може да информираме дека имаме добиено над 2000 кандидатури за пополнување на позициите кои беа објавени. Од приложените поднесоци може да се стекне впечаток дека во најголем дел кандидатите поседуваат способности, високо ниво на стручност и образование, како и дополнителни референци, кои даваат до знаење дека тие може успешно да раководат со определени позиции.

За секоја од понудените позиции на повикот се пристигнати десетици кандидатури, што создава и дополнителна основа за понатамошно зголемување на конкурентноста со цел постигнување на повисоко ниво на квалитет.

Во однос на објавените позиции, како што истакнав, интерес има за секоја од нив, а позначителен интерес меѓу другите позиции се истакнува за позициите директор на Државниот пазарен инспекторат, директор на Државната лотарија на Македонија, заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции, директор на Агенцијата за млади и спорт, директор на ЈП Македонски Шуми, позициите од областа на енергетските компании ЕЛЕМ и МЕПСО итн.

Исто така, значителен интерес, со околу 700 апликации е покажан за позициите од областа на надворешната политика, амбасадорските и конзулските места, каде што, исто така, има десетици кандидатури за секоја од објавените позиции, а значителен интерес на повисоко ниво е покажан за амбасадорските места во Белград, Вашингтон, Москва, Подгорица, Виена, за трите објавени конзулски места во Њујорк, Венеција и Детроит, како и за амбасадите во Пекинг, Берлин, Отава…

Има голем дел на апликации и за позициите советник на претседателот на Владата во поедини области кои се објавени на повикот. Во однос на позициите од областа на здравството, со оглед на спецификата на условите кои беа побарувани, во однос на другите позиции се пријавени помал број на лица, што е разбирливо, но и за овие позиции има неколкукратни кандидатури.

Во следниот период ќе се преземат понатамошни постапки за селекција кон финален избор или именување, со почитување на сите законски нормативи и процедури. Специјално формирани тимови со претставници на ресорите од кои потекнуваат објавени позиции, надополнети и со можноста за вклучување и на надворешни експерти, ќе пристапат кон разгледување на поднесоците, а во подоцнежната фаза ќе се пристапи и кон интервјуа со кандидатите, за да бидат видени, запознаени, да се разговара со нив и да се разменат мислења за поедини ставови, прашања, проекти и идеи. Целокупните процедури за сите објавени позиции треба да завршат до крај на годината, се разбира дека некои позиции ќе бидат пополнети порано, а некои подоцна, во зависност од моментот на истек на мандатите на актуелните носители на функции и законските процедури.

Сите оние кандидати кои аплицирале, а во случај да не бидат избрани во оваа процедура, остануваат во една основа на податоци за квалитетен кадар, и од нив во следниот период може да се консултираат за различни ставови или прашања, со можност и за понатамошно ангажирање на раководни позиции на различни нивоа.

Заради позитивните искуства кои беа стекнати со овој повик, и заради пријавениот интерес, се чини веројатна опцијата во идниот период да биде објавен и нов повик за пријавување интерес за раководење со други институции, односно институции кои не беа истакнати во рамките на овој повик.

Владата ќе продолжи со заложбите и активизмот за транспарентност и давање на еднакви и отворени шанси и опции за сите граѓани кои сакаат посилен општествен активизам.