Груевски: Македонија порта за кинеските компании кон Европа

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (03.07.2013 година) во Чонгкинг, Народна Република Кина учествуваше и се обрати на Конференцијата организирана од Секретаријатот за соработка помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Се работи за иницијатива поттикната од кинеската Влада, а организирана од кинеското Министерството за надворешни работи и локалната самоуправа на Чонгкинг чија цел е интензивирање на економската и политичката соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа што претставува стратешка определба на кинеската држава. На оваа конференција учествуваат претставници од 16 региони, градоначалници и лидери, меѓу кои и романскиот премиер, г-дин Виктор Понта и градоначалникот на Чонгкинг, г-дин Нуанг Кифан, кинескиот заменик министер за надворешни работи, г-дин Сонг Таом и други.

Премиерот Груевски во своето обраќање изрази задоволство од можноста да се обрати на овој истакнат настан и го истакна импресивниот економски растеж на Кина како една од движечките сили на глобалниот растеж, кој претставува развоен модел базиран на цврсти и обмислени темели и може да се користи за економски развој и во други земји.

Премиерот истакна дека одличните кинеско - македонски политички и економски односи забележуваат значителен напредок на различни полиња. „Двете земји се посветени на промовирање на инвестициите во инфраструктурата, земјоделието, образованието и туризмот, како нови области за раст на билатералната соработка. Постојат и многу други развојни можности, создадени преку постојаното унапредување на деловното окружување“, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи дека Владата на Македонија воведе посебни поволности за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони, каде што постои 10 - годишно ослободување од данокот на доход и персоналниот данок, а производите кои се користат од увоз за продукти кои се прават во зоните и кои се извезуваат, не подлежат на царина ниту на ДДВ. „Поради големиот интерес од страна на странските инвеститори, се отвораат уште десетина развојни зони низ целата држава. Тие нудат многу поволни услови кои се одлично прифатени од страна на мултинационалните компании“, изјави премиерот Груевски во своето обраќање.

Премиерот потенцираше дека десетици интернационални компании од Европа, САД и Русија веќе инвестираа во изминатите години во Македонија, и посочи дека е значајно што и кинески, индиски и катарски компании изразуваат многу сериозен интерес за лоцирање на нивните производствени капацитети во Македонија. „Македонија се наоѓа меѓу најреформски ориентираните земји според Извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис“ и тоа веќе неколку години по ред. Македонија сега се наоѓа на 23. позиција и е повисоко рангирана во однос на леснотијата за водење бизнис од која било земја од Централна, Источна и Југоисточна Европа и се наоѓа пред 20 од 28 земји членки на ЕУ“, изјави Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека Македонија може да претставува извонредна порта на кинеските компании кои сакаат да произведуваат и продаваат на европскиот пазар. Нивното производство ќе биде со најниски даноци, и преку договорите за слободна трговија кои ги имаме потпишано со сите земји на континентот Европа, ќе имаат пристап до 660 милионски пазар во Европа без никакви дополнителни давачки, ќе имаат пристап и до образована работна сила која ќе придонесува во продуктивноста и ефикасноста и која се ангажира за оптимални и не високи трошоци и ќе можат да водат доходовен бизнис.

Претседателот на македонската Влада посочи дека соработката на полето на инвестициите и кинеската финансиска поддршка на развојот на Европа ќе придонесе и за креирање на продлабочени и конструктивни односи помеѓу граѓаните и ќе обезбедуваат подобри услови за живот и поконкурентни услови за економски раст и напредок. „Тоа е пораката која сакаме да ја пратиме одовде, за посреќни граѓани, за блискост помеѓу народите и државите“, посочи премиерот Груевски.

Чонгкинг е еден од најразвиените економски, трговски и индустриски центри во НР Кина со вкупна површина од 82 илјади километри квадратни и популација од 33 400 000 жители. Чонгкинг оствари БДП во 2012 година кој е втор по успех во цела Кина.