Македонија и Кина потпишаа петгодишна програма за културна соработка
Министрите за култура на Македонија и Кина Елизабета Канческа-Милевска и Чаи Ву денеска во Пекинг потпишаа Програма за културна соработка за 2012-2017 година. Тие на средбата ги реафирмирале добрите културни врски меѓу двете земји и ги истакнале заедничките заложби за нивно интензивирање, соопшти Министерството за култура.
По средбата, на која присуствувал и амбасадорот во Кина Оливер Шамбевски, кинескиот министер за култура Чаи Ву изјавил дека Програмата е силна иницијатива за продлабочување на културните врски меѓу двете земји. Ву е задоволен што голем број уметници од Кина се претставуваат на фестивали во Македонија и очекува програмата да овозможи и чести претставувања на македонски уметници во Кина.
- Во рамки на посетата на Пекинг, која е прва официјална посета на министер за култура од нашата земја, Канческа-Милевска денеска ги посети Националниот центар за сценски уметности, кинескиот Национален музеј, а беше реализирана и средба со директорот на Државната администрација за радио, филм и телевизија, Џанг Пи Минг. На средбата беше побарано во рамките на Кинеското интернационално радио да се отвори радио на македонски јазик, беше договорена биенална размена на македонски и кинески филмови од двете земји, а беа истакнати и заедничките заложби за поголемо учество на кинески филмови на македонските фестивали, но и презентација на македонски филмови во рамките на Филмските фестивали во Пекинг и Шангај, информира Министерството за култура.
На средбата со директорот на Државната администрација за радио, филм и телевизија била иницирана и размена на искуства, знаење и персонал помеѓу Кинеската национална телевизија и Македонската радио телевизија.
Потпишувањето на Програмата за културна соработа со Кина е во рамки на манифестацијата „Македонскиот фолклор во Кина“. Во музејот „Џинтаи“ во Пекинг, најголем од областа на фолклорот, денеска ќе биде отворена изложбата „Македонски фолклор“ на Гордана Вренцоска. Во концертната сала „Century“, каде што во моментов се прикажува најскапата кинеска продукција со мјузиклот „Мама миа“, концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. За кинеската публика „Танец“ ќе одржи уште еден концерт, во крајбрежниот туристички град Далиан.