Скопје го доби првиот Аква парк

Од денеска во претстојната летна сезона граѓаните на Скопје и сите домашни и странски туристи, ќе можат да се разладуваат, забавуваат и рекреираат во првиот аква парк во главниот град. Аква паркот официјално беше отворен во присуство на премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

- Уште еднаш се докажа дека ако се има силна волја, ако се сака може да се направат големи дела. За само неколку месеци го изградивме Аква паркот за кој се зборуваше со години, за само неколку месеци она што во минатото се гледаше во другите земји денеска го имаме и во главниот град на Република Македонија. Голем и атрактиевн аква парк, истакна премиер Груевски.

Аква паркот, додаде тој, се отвора токму во екот на летните одмори кога граѓаните и нивните деца ја користат секоја можност да се релаксираат.  - Македонската метропола може да понуди уште една атрактивна и уникатна содржина која ќе го привлече вниманието на сите генерации, рече премиерот, кој меѓудругото посочи дека целокупната инвестиција изнесува околу 5,5 милиони евра.

Потсети дека во изборната програма беше ставена изградбата на Аква паркот. - Откако видовме дека приватниот сектор не е заинтересиран, минатата година почна градбата, а денеска го пуштаме во употреба, изјави Груевски.

Аква паркот, како што рече, е реализиран со многу труд и залагања, пред се, на раководството на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, но и на фирмите кои го градеа, и со помош на пратениците, на министрите за транспорт и врски Миле Јанакиески и за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот Коце Трајановски, АЕК и други.

- На тој начин ветувањето денеска е исполнето. Скопје го доби својот прв Аква парк, истакна премиерот Груевски.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски најави дека ќе се градат и четири тениски игралишта и шест повеќенаменски игралишта. 

На површина од 12.000 метри квадратни во Аква паркот се изградени 10 тобогани, четири базени, меѓу кои базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, административна зграда со ресторан, три кафе-барови, санитарни јазли, соблекувални и прва помош. Под објектот има стандардизирани машински сали  и современ систем за филтрација на водата. 

- Сите реквизити се сертифицирани и ги исполнуваат сите безбедносни стандарди за објекти од ваков тип, нагласи Капушевски.

Во новата летна атракција во Скопје ќе работат 35 спасители. Покрај 34 лиценцирани спасувачи кои завршија обука, еден ќе биде преземен од Матка. Аква паркот ќе овозможи и 40 нови работни места, за лица кои ќе бидат ангаќирани во угостителските објекти, три кафе-барови и еден ресторан. Ќе има редарска служба и просторија за давање итна медицинска помош.

Изведувачи на градежните работи се Полин од Турција, компанија која има реализирано преку 2.000 аква паркови ширум светот, како и Жикол од Струмица и Електроунион од Скопје.

Во изминативе денови се вршеше тестирање на опремата со која располага Аква паркот, лоциран на северната страна на  спортскиот центар, веднаш зад хотелот „Александар Палас“.

Камен-темелникот на Градскиот аква парк го поставија премиерот Никола Груевски и директорот на СЦ „Борис Трајковски“ на 6 јануари годинава. Станува збор за прект вреден 4,2 милиони евра, дел од Програмата на Владата на Република Македонија.