Македонски лекари ќе се обучуваат во Медицинскиот центар Принстон
Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и министерот за здравство, г-дин Никола Тодоров, вчера (вторник, 24.09.2013 година) остварија посета на Медицинскиот центар Принстон. Медицинскиот центар Принстон е еден од најреномираните медицински установи во Соединетите Американски Држави, како во поглед на реномето и стручноста на медицинскиот персонал, така и по инвентивноста и обемноста во инфраструктурните инвестиции во здравствените капацитети.
Владината делегација имаше средба со менаџерскиот тим на Центарот, и присуствуваше на презентација на изградениот нов објект на центарот, неговата инфраструктура, опременост и протоколи за третман на пациентите.
Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Медицинскиот центар Принстон кој претставува основа за конкретна соработка и размена на искуства, а во чиј центар е договорената соработка преку која македонски лекари и останати медицински лица ќе присуствуваат на обуки во Принстон каде што ќе се усовршуваат за разни медицински техники и методи во работата. На овој начин продолжува трендот на воспоставени соработки помеѓу македонските здравствени власти и врвни меѓународни медицински центри со кои се овозможува едукација на македонските лекари.
Ова е една нова тура која што ја правиме во повеќе болници во американски градови и потпишуваме меморандуми за соработка. Вкупно завршувајќи со овие посети во рамки на овој престој во САД ќе имаме вкупно 14 болници со кои имаме воспоставено соработка само во Америка, плус има други и во Европа. Се работи за една сериозна бројка на медицински центри каде што нашите лекари веќе почнаа да доаѓаат на обуки како што се обуките во Хјустон, Лос Анџелес, Детроит. Сега потпишуваме со нови болници, во центри каде што наши лекари ќе доаѓаат и ќе им бидат вршени обуки за нови методи на работа кои не се применуваат во Македонија. Од Принстон ни ги опишаа сите аспекти на оваа болница, тие имаат новоизграден објект на болницата, и тоа беше корисно како искуство и од аспект на градбата на новиот Клинички центар во Скопје, изјави премиерот Груевски по потпишувањето.
Министерот Тодоров истакна дека оваа соработка ќе даде дополнителен квалитет на заложбите за едукација на лекарите од нашата земја.
Потпишавме Меморандум за соработка кој ќе овозможи нашите доктори од Македонија да добијат одличен тренинг овде во престижниот Медицински центар Принстон. Очекувам дека размената на искуства, знаења и вештини кои нашите лекари ќе може да ги стекнат тука и потоа да ги применуваат во Македонија да влијае сериозно и позитивно на подигнување на квалитетот на здравствената заштита во нашата земја, и ќе оди во правец на поставување на Македонија како еден од регионалните лидери во здравството не само во поглед на инвестициите во инфраструктура туку и во поглед на инвестициите во човечкиот капитал кон кои сме насочени, истакна министерот Тодоров кој го потпиша Меморандумот.
Директорот на Медицинскиот центар Принстон, Бери Рубнер истакна задоволство од идната соработка.
Навистина сме почестени што може да помогнеме во постигнување на вашите амбициозни цели кои ги слушнав. Имаме стогодишно искуство и само што ја отворивме и новата болница што беше еден повеќегодишен процес, имаме добри идеи, ние сме спремни да ги споделиме нашите искуства со вас и да дадеме придонес во вашите амбициозни планови, истакна директорот Рубнер.
Владината делегација денеска во Чикаго ќе оствари посета на нови медицински центри на кои ќе се договара идната соработка.