Пуштена во употреба новата зграда на Јавното обвинителство
Премиерот Никола Груевски денеска ја пушти во употреба новата зграда на Обвинителството, објект во кој ќе бидат сместени Основното и Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.
Со проектот вреден 13 милиони евра, според премиерот, ќе се реши долгогодишниот проблем на овие институции.
- Со изградбата на зградата институциите кои ќе бидат сместени нема да плаќаат големи кирии за сместување во туѓи простории. Јавните обвинители како највисоки носители на јавната дејност нема повеќе да работат по двајца или тројца во иста канцеларија, а нуди современи и модерни услови за навремено и ефикасно водење на кривичната постапка, рече Груевски.
Зградата располага со по четири соби за препознавање и за сослушување, две конференциски сали, место во кое адвокатите ќе може да имаат средби со клиентите, ресторан и кафе-бар за вработените...
- Ваквите услови ќе му овозможат на Јавното обвинителство многу поефикасна и посигурна работа во секојдневните обврски и борбата против криминалот и корупцијата, што беше и наша тенденција во моментите кога го подготвувавме проектот, рече Груевски.
Пред три години на ова место, како што истакна премиерот, на овој ист датум, на 11 Октомври беше поставен камен-темелникот на овој објект. - Она што беше замисла, она што беше проект...полека но сигурно чекор по чекор, фаза по фаза стана реалност, рече премиерот.
Во оваа прилика тој истакна дека со новиот Закон за кривична постапка кој ќе започне да се применува во декември годинава, меѓу другото се зајакнува и позицијата на јавното обвинителство во кривичната постапка.
- За успешно остварување на своите нови надлежности, Јавното обвинителство имаше нужна потреба од кадровски и материјално технички предуслови за работа, што во целост се овозможија со изградбата на овој модерен објект, додаде премиерот.
Честитајќи го празникот 11 Октомври, Груевски рече дека пред 72 години нашите предци водени од идеалите за слобода и еднаквост започна вооружено востание против фашистичкиот окупатор, кое резултираше со остварување на сонот за сопствена држава.
- Нивното дело останува да го продолжиме со посветена работа и создавање на големи и крупни дела зад себе, кое ќе ни служи нам но и на идните генерации, рече Груевски.
Државните празници како денешниот, истакна премиерот, претставуваат добра прилика за промоција на проектите и тоа е пракса која оваа Влада ја применува во изминатиов период. - На овој начин, со напорна работа, со развој и напредок на земјата и со големи дела за паметење ние го гледаме нашиот одговор на предизвиците на современа Република Македонија, нагласи Груевски.
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски истакна дека денешниот ден ќе биде празник за јавнообвинителската фела, за правосудството и за Република Македонија во целост.
- Денешниот ден е историски, ден кога првпат во историјата јавното обвинителство на Република Македонија добива свој дом. За Јавното обвинителство добивањето на ваков објект значи обезбедување на сите современи услови за извршување на јавнообвинителската функција, рече Зврлевски.
На пуштањето во употреба на новата зграда на Јавното обвинителство присуствуваа министрите за внатрешни работи и за правда Гордана Јанкулоска и Блерим Беџети, пратеници во Собранието на Република Македонија, јавни обвинители и службеници во јавните обвинителства на Република Македонија.