Министерот Сарачини на 5.Седница на Мешовитиот Комитет на ЦЕФТА во Париз

 

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска учествува на 5.Седница на Мешовитиот Комитет на ЦЕФТА во Париз, со кој претседава Република Косово.

На седницата Сарачини ги презентираше напорите на Република Македонија во имплементацијата на ЦЕФТА, кои истовремено треба да го олеснат патот на земјата до пристапните преговори за членство во Европската унија.

Истакнувајќи дека идната година, во која претседавач ќе биде Република Албанија, за земјите на ЦЕФТА договорот ќе биде година на значителни предизвици на економски план, согласно обврските што произлегуваат од договорот, министерот ги претстави достигнувањата на Република Македонија во поглед на деловната клима.

- Тоа го покажавме со скорешното рангирање на Република Македонија од 34. на 22 место во Извешајот на Светска банка Доинг бизнис 2012, и високото трето место како топ реформатор, споредено со минатиот извештај, по преземените реформи за олеснување на процедурите за водење бизнис. Последниот извештај на Европската комисија е уште една потврда дека земјата успешно се справува со предизвиците кои ги носи моменталната економска ситуација во светот, рече Сарачини.

Потенцираше дека ЦЕФТА земјите се значаен трговски партнер за Република Македонија и вкупната размена во 2011 година е околу 28 проценти од вкупната трговска размена на Македонија со светот.

Република Македонија во септември 2011 година го ратификува Дополнителниот протокол за либерализација во земјоделството, а почна да се применува од ноември со Албанија и Хрватска.

Министерот истакна дека со Албанија се применува целосна либерализација, што значи се укинаа царинските стапки за 46 отсто од земјоделските производи и информираше оти останува да заврши ратификацијата со Република Молдова, за да може да се применува новата либерализација, која опфаќа дополително ослободување од царински стапки на 48 проценти од земјоделските производи. Со Република Хрватска е задржано постојното ниво на либерализација. Со останатите земји на ЦЕФТА веќе претходно постоеше целосна либерализација во земјоделството.

- Дополнителниот протокол има значаен придонес во однос на интензивирањето на натамошната трговска размена меѓу земјите. Во делот на трговијата со услугите, активностите на ЦЕФТА продолжуваат во насока на констатирање на потребата од подготовка на споредбен преглед на постојните бариери во услужните сектори на ЦЕФТА земјите, со цел согледување на потенцијалите за преговори. Приоритетите и активностите на ЦЕФТА, особено во делот на мониторинг рамката за елиминирање на нетарифните бариери, во значителна мерка влијаат кон исполнувањето на економските критериуми и регионалната соработка кои ги поставува како критериум ЕУ, рече Сарачини.

Министерот го потенцираше особено позитивниот аспект на Мултилатералната мониторинг рамка за елиминирање на нетарифните бариери, како проект кој во моментот го спроведува ОЕЦД, чија цел е воспоставување систем преку кој регуларно би се идентификувале нетарифните бариери.

Информираше дека Македонија веќе покренала иницијатива за склучување договори за слободна трговија со земјите од барцелонскиот процес - Египет, Тунис, Алжир, Јордан, Мароко, со цел вклучување на медитеранската кумулација во процесот на пан-европската кумулација на потекло на стоката.