Премиерот Груевски во официјална посета на Словенија

Владина делегација предводена од Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се и министерот за надворешни работи г-дин Никола Поповски, министерот  за транспорт и врски г-дин Миле Јанакиески, министерот за образование и наука г-дин Спиро Ристовски, и  директорот на Агенција за млади и спорт  г-дин Александар Пујовски, денеска (среда 13.11.2013 година), ќе оствари еднодневна официјална посета на Љубљана, Република Словенија, при што ќе реализираат повеќе билатерални средби со словенечкиот државен врв.

За време на престојот претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски ќе оствари  тête-a-tête средба со претседателот на Владата на Република Словенија, г-ѓа Аленка Братушек.

Во рамките на престојот ќе се одржи и Пленарната седница на делегациите, предводени од претседателот на Владата на Република Македонија г-динот Никола Груевски и претседателот на Владата на Република Словенија г-ѓа Аленка Братушек заедно со ресорните министри. По завршување на седницата следи потпишување на Меморандумот за соработка од областа на спортот, кој што ќе го потпишат директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, г-дин Александар Пујовски и  министерот за образование, наука и спорт на Република Словенија, г-дин Јернеј Пикало.

Премиерот г-дин Никола Груевски ќе се сретне и со претседателот на Република Словенија г-дин Борут Пахор, како и со претседателот на Собранието на Република Словенија г-дин Јанко Вебер.