Премиерот Груевски се приклучи на акцијата „Ден на дрвото“

Акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ денеска ја поддржа и премиерот Никола Груевски кој  засади дрво во паркот „Јане Сандански“ во општина Аеродром.

Дрвја засадија и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалниците на Скопје и на Општина Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски и директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски.

- Во Македонија денеска ќе се засадат пет милиони дрвца или вкупно досега 45 милиони дрвја само по основ на акцијата „Ден на дрвото“. Во оваа акција ќе се пошумат околу 1.200 хектари. И покрај тоа што ноќеска заврна снег акцијата се одвива непречено низ цела земја, а времето е идеално и токму на вакви услови се сади дрво каде очекуваме и висок процент на успешност, рече Караџоски.

Овие денови е најавено дека ќе има и врнежи од дожд и од снег, што според него, гарантира одлични услови дрвјата што денеска се садат да се зафатат, а одѕивот на граѓаните е голем и покрај ваквите временски услови.  

Просекот на зафатени дрвца од минатите акции е многу висок и изнесува околу 61,54 проценти. - Тоа е просек од Инспекторатот за шумарство кој оди на лице месо и дава извештај, што Владата го прифаќа. Тоа е официјална бројка. Европски просек кој се смета за успешен е над 35 проценти, изјави Караџоски.

Една ваква акција, според директорот на „Македонски шуми“, чини од 50 до 70 милиони денари. - Тоа е трошокот што го прави „Македонски шуми“ и тој е за садниците, а сето друго е волонтерска работа. Сите садиме волонтерски. Ние како „Македонски шуми“ не пошумуваме само сега, туку имаме и законска обврска. Во рамките на тоа ги додаваме и овие садници, изјави Караџоски.  

Градоначалникот Коце Трајановски посочи дека Градот Скопје активно е вклучен во акцијата „Ден на дрвото“ и на неколку локации во околината на градот се засадија повеќе дрвца.

- Треба повеќе да посветиме внимание и на урбаните делови од Градот и за таа цел денеска посадивме повеќе од 80 квалитетни дрвја кои што се набавени од Холандија за кој сметам дека граѓаните ќе имаат голема корист од нив, истакна Трајановски. Додаде дека акцијата е широко прифатена од граѓаните во Град Скопје.

Акцијата Ден на дрвото се одржува по 12. пат.