Поддршка од Полска и Естонија за евроинтеграциите на Македонија

Влезот во НАТО и отпочнувањето на преговори со Европската унија остануваат стратешка цел на Македонија. Државата и понатаму е отворена и посветена на надминувањето на единствената пречка на тој план - спорот за името со Грција.

Оваа порака им ја пренесе претседателот на македонската Влада Никола Груевски на премиерите на Естонија и на Полска, Андрус Ансип и Доналд Туск на денешните средби во Букурешт.

 
Премиерот Груевски истакна дека Македонија има добиено  пет последователни позитивни извештаи од Европската комисија и пет препораки за отпочнување на преговорите со Европската унија, што е признание за реформските напори на државата.

Естонскиот и полскиот премиер ја потврдија поддршката за евроинтегративните процеси на Македонија, а од страна на Естонија беше нагласено дека таа е поддржувач на политиките на отворени врати во НАТО и проширувањето на Европската унија.

На средбите се потврдени добрите политички однноси и нагласена е потребата од интензивирање на економската соработка за што постои потенцијал во регионот.

Премиерот Груевски изрази задоволство од успешноста на бизнис патувањето во Естонија во јуни годинава каде пред повеќе стопанственици беа презентирани поволностите што им ги нуди Македонија на странските инвеститори како што се ниските даноци, ниските трошоци за водење бизнис и административните олеснувања.

На средбата со полскиот премиер беше упатена покана за посета на полска делегација на Македонија и организирање на бизнис форум на кој би се презентирале можностите за инвестирање.  

Претседателот на македонската Влада вечерва треба да оствари средба и со кинескиот премиер Ли Кечијанг, кој допатува во Букурешт за да ги најави идните планови на кинеската Влада во државите од Централна и Источна Европа.